Саниран е пожарот кој изби синоќа во РЕК Битола. Како што информираат од АД ЕСМ, на местото се врши увид од страна на стручни екипи од државната компанија за утврдување на причините.
„Пожарот почна на еден од изолаторите на надворешниот трансформатор на Блок 3 и со брза интервенција на противпожарните служби огнот беше изгаснат. Не се дозволија дополнителни хавариски оштетувања. Локацијата е обезбедена и екипи на АД ЕСМ и на надлежните служби ќе ги истражуваат причините за настанот“, велат од АД ЕСМ.
Од компанијата за производство на струја ги демантираат, како што велат, сите шпекулации за наводно нестручно и несовесно работење и оперирање, со оглед на тоа што, посочуваат од таму, се работи за процес на производство со опрема стара над 40 години.
„Во случаи на пожар, од безбедносни причини проработува автоматската заштита и истата синоќа реагираше со исклучување и на Блок 1. За помалку од еден час Блок 1 беше рестартиран и вратен, и од денеска во утринските часови работи со полн капацитет“, објаснуваат од таму.
Но, како што додаваат, со оглед на тоа што оштетувањето на трансформаторот на Блок 3 е од поголеми размери, тој одреден период нема да биде во можност да биде приклучен во производниот систем.