РЕК Битола информира дека во моментов работи со два блока – Блок 1 и Блок 2 и дека сè уште и во континуитет преземаат активности за санација на трансформаторот на Блок 3 кој беше оштетен во пожар на 5 ноември 2021.
– Дали и кога постројката ќе биде во можност да произведува електрична енергија зависи од мислењето на стручни лица од РЕК Битола, од електротехничките факултети во Битола и Скопје, експерти од Белград и стручни лица од енергетските компании во земјава. Дотогаш, контроли и обиди за ставање на трансформаторот во функција ќе се случуваат во континуитет, соопшти АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола.
Во соопштението, РЕК Битола ги оценува како „несериозни и злонамерни” намерите да се коментираат состојбите во комбинатот од, како што наведува, „лица кои не се добро информирани и на никаков начин не се инволвирани во напорите за санација на трансформаторот на Блок 3″.
– Навистина, со техниката, особено во енергетиката, нема играње, поради што сме убедени дека конечно ќе запрат паушалните изјави и импровизации со сомнителни цели, пишува во соопштението на РЕК Битола.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека нов блок во РЕК не работи
-Неспособноста која владата ја има сега граѓаните ќе ја плаќаат преку буџетот, но и со тоа е неизвесно дали ќе има греење. Како што се неспособни и го загрозија греењето, така се неспособни и го загрозија снабдувањето со електрична енергија. Блок 3 на РЕК Битола, повторно е надвор од функција, повторно трансформаторот не работи. Станува збор за истиот трансформатор којшто се запали во ноември, а беше наводно минат низ процес на ремонт. Сега пред неколку дена истиот трансформатор го исфрла цел Блок 3 на РЕК Битола од употреба. Поправката на овој трансформатор од технички аспект е многу дискутабилна. Со техниката не се игра и истата не трпи импровизации. Веднаш после синхронизација на блокот се активирала заштитата на блок трансформаторот и Блок 3 е повторно надвор од погон, рече на прес-конференција го истакна Стевче Атновски од ВМРО-ДПМНЕ.