Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на новинарски прашања не кажа директно дали функцијата прв вицепремиер ќе остане кај членот на ДУИ, Артан Груби или,пак, истата ќе ја добие министер од СДСМ во техничката влада. Тој повтори дека со закон е регулирано кои позиции се менуваат на 100 дена пред избори.
„Регулирано е согласно закон кои позиции се менуваат во владата. Предвидено е согласно закон за влада и согласно изборен законик, не може да се прави импровизација. Секое импровизирање може да фрла дамка врз целиот процес. Се работи за влада која треба технички да ги подготви изборите“, рече Ковачевски.
Според него, оставка на премиерот и формирање на влада која ќе ги подготви изборите е законска обврска која тој ќе ја исполни.
„Тоа е законска обврска. Како што е законска обврска на 100 дена пред одржување на изборите, претседателот на владата да поднесе оставка, што јас ќе исполнам оваа законска обврска исто како претходните премиери што ја исполниле законската обврска. Така и ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи свои кадри и да ја исполни законската обврска. Ако не го стори тоа, ќе фрли дамка врз изборите“, посочи премиерот Ковачевски.
Рече дека разговарал и со Ахмети, пред тој да го предложи Џафери за технички премиер.
„Ден пред одржување на седницата на претседателството на ДУИ јас имав интервју на кое што кажав дека не сме разговарале, но тоа не значи дека после тоа не сме разговарале. Да, јас со коалиционите партнери имам координација. Можевте да видите дека со најширок консензус беше договорен датумот на избори“, посочи Ковачевски.