Регулација на Тик ток за заштита на националната безбедност и спасување животи

by Фокус

Да се размисли, по пример на ЕУ и САД, да се забрани нејзиното користење во јавната администрација, особено во безбедносно сензитивните институции, а, исто така, да се ограничи употребата од деца и тинејџери, затоа што, за жал, неконтролираната употреба чини човечки животи

Пишува: Александар НИКОЛОСКИ

Деновиве, македонската јавност е во шок по веста дека девојче во Општина Илинден го загуби животот, во обид да направи видео за социјалната мрежа Тик ток. Прерано згасна еден живот поради лошото влијание на оваа социјална мрежа врз младите.

Обидот да се стане херој во еден виртуелен свет, за жал, чини човечки животи. Исто така, сведоци сме на бројни злоупотреби на другите социјални мрежи на кои има злоупотреби на малолетници.

НАЈБРЗО РАСТЕЧКА МРЕЖА

Ова отвора сериозни прашања околу регулацијата на социјалните мрежи, содржината на истите и нивното користење, пред сѐ, кај малолетниците. Неконтролираното користење на социјалните мрежи е тема на која сѐ повеќе дискутира модерниот развиен свет.

Сѐ повеќе одлуки за нивно регулирање и заштита на приватноста, како и заштита на малолетници од злоупотреба се носат од ЕУ и САД. Македонија назадува во овој процес.

Секако, тука е и обидот за влијание врз безбедноста, во кој предничи мрежата Тик ток и нечесните намери што Кина и владејачката Комунистичка партија ги има со контролата на оваа мрежа и злоупотребата на лични податоци.

Европската комисија веќе донесе одлука да им забрани на своите вработени да ја користат мрежата, а претседателот Бајден го најави истото за вработените во американската администрација.

Тик ток е мобилна апликација, која им овозможува на корисниците да создаваат и да гледаат видеа до 15 секунди. Во моментов, платформата има над 1 милијарда корисници.

Според некои истражувања, 6 од 10 тинејџери кажуваат дека Тик ток го користат секојдневно. Тик ток стана најбрзо растечката мрежа во овогодинешното истражување, достигнувајќи 40 отсто партиципација кај испитаниците од 18 до 24 години.

ОПАСНИ ПРЕДИЗВИЦИ

Во изминатиов период се појавија неколку таканаречени предизвици што се многу опасни. На пример, „Предизвикот Бенадрил“, во кој учесниците зедоа големо количество антихистаминици во обид да произведат халуциногени ефекти, доведе до најмалку една смрт.

Исто така, на оваа мрежа се појавија предизвици како што се легнување пред автомобил на улица или како во случајот од Илинден качување на покрив на воз. Сево ова носи опасност по животот.

Со појавата на ковид 19 и за време на ограничувањето на движењето, Тик ток стана најпопуларната социјална платформа за интеракција кај младите. Алгоритамот на социјалната платформа Тик ток работи така што на корисниците им прикажува содржина што ги интересира младите и сите видеа што ги гледаат младите се со слична содржина.

Алгоритамот работи врз основа на тоа на какви видеа корисникот најдолго се задржува и секое следно видео ќе биде со слична содржина. Така, на пример, доколку корисникот се задржи подолго време на видео што е со фудбал, следното видео што ќе му се појави на платформата, исто ќе биде поврзано со овој спорт.

Сево ова отвора голема потреба Македонија да донесе регулатива со која ќе се заштитат децата од злоупотреби на социјални мрежи, а за мрежата Тик ток да се размисли, по примерот на ЕУ и САД, да се забрани нејзино користење во јавната администрација, особено во безбедносно сензитивните институции, а, исто така, да се ограничи употребата од деца и тинејџери, затоа што, за жал, неконтролираната употреба чини човечки животи.

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости