Два дена по ред цената на нафтата на светските берзи расте, а денеска повторно стигна над 110 долари за барел, откако претходните денови имаше ситуации и кога чинеше и под 100 долари за барел. На лондонскиот пазар од утринава се тргува за 109 долари, додека на американскиот пазар чини и 106 долари за барел.
Какви ќе бидат денешните измени на цените на горивата кај нас, Регулаторната комисија за енергетика се уште анализира. Не се знае дали од полноќ граѓаните ќе точат поевтино гориво или повторно ќе има ново зголемување.
Просекот од последните пет дена, заклучно со денешниот се клучни за одредување на цената и тоа според вредноста на готовите горива, а не суровата нафта. Во формулата влегува и курсот на доларот, чија вредност исто така изминативе денови претрпува големи промени.
За четири дена дизелот поевтини за 21 денар, а бензините за 12. Тоа беа и првите намалувања за оваа година, откако изминатите месеци бележеа континуиран раст.