„Tранснационалниот организиран криминал е растечка закана за нашите општества и за безбедноста на нашите граѓани. Директно ја загрозува националната и меѓународната сигурност со импликации и врз јавната безбедност, демократските институции и економската стабилност на земјите“, истакна Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски на денешното отворање на еднодневната Регионална конференција на јавни обвинителства надлежни за гонење на организиран криминал што се одржува во Скопје под покровителство на Британската амбасада во Скопје и Канцеларијата за помош на Велика Британија.
Според последниот објавен извештај на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во нашата земја во 2022 година, бројот на пријавени полнолетни сторители на кривични дела кои се од областа на организираниот криминал се зголемил за 11% во однос на претходната година. „Извештајот за 2023 година се сумира, но повторно не очекувам да има значително намалување“, додаде Коцевски, нагласувајќи дека Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата како најважна алка за гонење на сторителите на вакви кривични дела во нашата земја, има апсолутна поддршка за реализација сите активности кои треба да им ја зголемат ефикасноста во постапувањето.
„Во време кога тероризмот и организираниот криминал не познаваат граници, кога криминалците успешно ги користат сите технолошки иновации на денешницата, нашето оружје треба да биде насочено кон наше заедничко делување зашто само на тој начин можеме да бидеме чекор пред нив и успешно да се бориме против нив. Токму од овие причини, Основното јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во изминатиот период неуморно се труди да ја продлабочи меѓународната соработка. Наша цел беше реобнова на односите со сите јавни обвинителства“, рече основниот јавен обвинител на ОЈОГОКК Ислам Абази.
Заменичката на амбасадорот на Велика Британија во РСМ Џулија Смит изрази голема благодарност за присуството, истакнувајќи дека имаме заеднички интерес на Балканот обвинителствата да работат заедно и да споделуваат искуства помеѓу себе. „Живееме во време кога организираниот криминал е сериозен предизвик за сите. Заедно може да се направи многу, би сакале да видиме промени во Косово, Македонија и Албанија. Денес е можност и почеток, на еден вид на Балкан-ПОЛ, налик на ЕУРОПОЛ“, рече таа.
Во работниот дел на конференцијата обвинителите меѓусебно разменуваа искуства за начинот на функционирање и практичните предизвици во работата, со посебен осврт на значењето и потребата од продлабочување на меѓународната соработка во борбата против перењето на пари и другите специфични облици прекуграничен криминал. Конференцијата беше во организација на Chemonics и ЦПИА.