Реформи во ВМРО-ДПМНЕ, партијата избра нов Извршен комитет

by fokus

На вчерашната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, едногласно беше избран составот на новиот Извршен комитет во кој влегоа осум нови имиња.

Промените во ова тело на партијата доаѓаат откако лидерот Никола Груевски минатиот месец најави дека претстои период во кој што тие целосно ќе се реорганизираат, ќе се освежат со нови кадри и ќе ги реорганизираат општинските, месните и Извршниот комитет.

Лидерот на партијата, Никола Груевски, останува да биде претседател на ИК, додека пак досегашниот генерален секретар на партијата Емил Димитриев, ќе го замени директорот на ЕЛЕМ, Христијан Мицковски.

Во новиот извршен комитет нема неколкумина од досегашните високи функционери, од кои повеќето се споменуваат во прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата.

Во новиот ИК не се поранешните министри Владимир Пешевски, Емил Димитриев, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и Кирил Миновски, како и блиските соработници на Никола Груевски, Мартин Протоѓер и Сашо Мијалков. Поранешниот директор на УБК, претходно соопшти дека е повлекува од сите функции на партијата додека против него течат судските процеси кои ги покрена Специјалното јавно обвинителство.

Од досегашните членови, во извршниот комитет на партијата остануваат Илија Димовски, Владимир Ѓорчев, Зоран Ставрески, Никола Попоски, Никола Тодоров, Даниела Рангелова и Коце Трајановски.

Во новиот состав на ИК влегоа Никола Србов од иницијативата „Стоп операција Сорос“, активистот Богдан Илиевски од „За заедничка Македонија“, поранешниот портпарол на Влада, Александар Ѓорѓиев, како и пратениците Ане Лашкоска и Зеќир Рамчиловиќ, поранешниот министер за странски инвестиции Џери Наумоф.

Поврзани новости