Иницијаторите за реформи и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ со иста мера му одговорија на лидерот на партијата, Никола Груевски, кој во вчерашното интервју ги обвини дека биле платеници на „некоја амбасада“ и дека ќе се срамеле од тоа што сега го прават.
Александар Михајлоски му одговори дека е срамно претседател на ВМРО ДПМНЕ да спадне на тоа ниво, да навредува и да шири невистини за млади луѓе што се дрзнале да побараат реформи во партијата.
-Ќе се срамиш ти Никола, што имаше историска шанса да бидеш запаметен како преродбеник на Република Македонија, а ја прокоцка таа шанса поради лични интереси. Време е да ја прифатиш личната политичка одговорност за промашените политики и проценки и да го ослободиш ВМРО ДПМНЕ од товарот на минатото. На Република Македонија и треба силно, демократско и модерно ВМРО ДПМНЕ, вели Михајлоски.
Петар Богојески на нападот од Груевски одговори дека „жално е човек да е толку некадарен, да не може со еден Заев да се носи“.
Реформаторите заклучија и дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ имал 1.100 гледачи во живо на приватна телевизија, со нарачани прашања, одговори и реклами, додека нивната прес конференција ја следеле 5.000 гледачи во живо.
К.С.