ЦИВИЛ објави текст во кој го презентира документот од Внатрешната инцијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.
Во документот детално се претставени проблемите и конкретните решенија, според кои ВМРО-ДПМНЕ треба да се реформира, со цел да стане современа и демократска партиска структура.
Во продолжение е реформскиот документ:
Што означува буквата „Д“ во името на партијата, ВМРО-ДПМНЕ? Секој ќе одговори од прва – ДЕМОКРАТСКА! Да, така е замислена, така треба да биде. Но, дали е така?
Се чини дека овде „Д“ стои само за украс. Има едно „Д“ во името и, за жал, врската со демократија завршува тука.
Да разгледаме како изгледа „Демократијата“ во ВМРО-ДПМНЕ.
Раководството на партијата распишува конкурс за претседател на општински комитет. Се пријавуваат кандидати кои на почетокот одат на кратко интервју пред комисија. Таа комисија предлага неколкумина кои одат во следна фаза. Во меѓувреме се прават телефонски анкети, а тие неколкумина одат на завршно интервју кај претседателот на партијата. На крај, тој дава предлог на ИК и ИК го избира претседателот на ОК…
Тоа е официјално постапката… Кога би бил конкурс за вработување шеф во приватна фирма во која газдата си вработува, оваа постапка би била во ред. Но во партија која сака да биде демократска… хмммм… кој знае!?
Може ли на овој начин да се избере најдобриот партиец, или барем некој од најдобрите, за претседател на ОК? Дали воопшто се бира најдобриот, или целата постапка е една обична фарса за да се постави НАЈПОДОБНИОТ? Точно така – да се ПОСТАВИ, а не ИЗБЕРЕ!
Уште од почеток, најквалитетните кандидати, многу ретко, практично воопшто не се пријавуваат. Тие знаат дека борбата не е рамноправна и веројатноста за успех е минимална. Едноставно, сакаат да го избегнат бламирањето да бидат отстранети од конкурсот уште на почетокот. Комисијата секогаш е составена од неколку луѓе кои за голем дел од кандидатите не знаат ништо, а ако за некои и знаат по нешто, најчесто имаат некоја погрешна слика. Како од 5 минутно интервју ќе проценат кандидат? Многу тешко, неможно! Колку е отпорна таа комисија од лобирање, врски, фаворизирање? Не е отпорна, ама ИЧ!
Нејсе, од повеќе пријавени кандидати, по некои (којзнае кои) критериуми комисијата предлага три-четири кандидати за интервју кај „Човекот“ – претседателот на партијата. За нив божем се прави анкета која реално ништо не може да утврди. „Човекот“ самиот ја донесува конечната одлука, тој го поставува кандидатот а гласањето на ИК е само формалност.
И нај на крај – многу често, не се поставува ниту еден од пријавените кандидати, туку некое сосема петто лице кое воопшто не се пријавило на конкурсот.
И сега, колкава е веројатноста да се избере кандидат кој е критички настроен кон раководството, па макар бил најквалитетниот? Едноставно – НУЛА!
Колкаво е учеството на членовите од некој општински комитет во изборот на НИВНИОТ претседател? Исто така – НУЛА!
Понатаму, така поставените претседатели на ОК го сочинуваат Централниот Комитет. Сите тие до еден се поставени од претседателот на партијата, што значи дека претседателот има 100% контрола над ЦК. Извршниот Комитет, на предлог на претседателот на партијата, е верификуван од тој ЦК, а исто е и за Генералниот секретар. И овде контролата е 100%.
И постапката за избор на кандидатите за градоначалници и правењето на листите на кандидати за пратеници се по истиот терк.
Следно, ЦК, со кој целосно управува претседателот, го определува составот на делегати за Конгресот, а најголем дел од нив се по клуч (читај – подобност). Останатите делегати кои ги избираат општинските комитети, се избираат под контрола на претседателите на ОК, кои се поставени од претседателот на партијата.
Завршно, Конгресот го избира претседателот на партијата и на тој начин се затвора кругот.
Ако претседателите на ОК, Централниот Комитет, Извршниот Комитет, Генералниот секретар на партијата, пратениците, министрите, директорите, делегатите на Конгресот… Ако СИТЕ тие се поставени од претседателот на партијата, тогаш каде овде е демократијата?
Демократијата во својата основна дефиниција значи мнозинството да си изберат свои претставници, кои понатаму ќе ги застапуваат нивите интереси. Да размислиме, КОЈ во ВМРОДПМНЕ е ИЗБРАН од членовите? Во ВМРО-ДПМНЕ еден човек бира кој има право НЕГО да го бира.
Непосредниот избор на претседателите на МК е само залажување и не значи ништо, бидејќи претседателите на МК немаат никаква моќ туку само примаат задолженија од повисоките нивоа. Има целосен прекин на демократијата во партијата помеѓу нивото на претседателите на МК и претседателите на ОК. Претседателите на ОК не можат да ги застапуваат интересите на членството, бидејќи ако на било кој начин се спротивстават на раководството, ќе бидат сменети.
Од друга страна, раководството се чувствува потполно комотно и неприкосновено, бидејќи не одговара пред никој. Во партијата не постои корективен елемент и претседателот има апсолутна моќ.
И најчесниот човек во таков случај ќе забега. Тој е опкружен со послушници кои за да ги зачуваат своите позиции му раскажуваат приказни за големи успеси, за љубовта на сите кон него. Тој самиот си создава перцепција дека е Бог, дека нему се му е дозволено и дека сите кои го критикуваат се предавници. Изгубена е врската со реалноста и колку повеќе неговата позиција е загрозена, послушниците околу него се пожестоко го бранат. Поточно, не го бранат НЕГО, туку се бранат себе, бидејќи најголем дел од нив, без него, во демократска процедура, никогаш не би дошле до тие позиции.
Тоа е основната причина за очајната состојба до која е доведена ВМРО-ДПМНЕ. Во овој момент, таа е далеку од модерна демократска партија, каква што претендира да биде.
Затоа, мора да се направат коренити промени, под итно!
Мора да се направи партијата да биде саморегулирачки систем, за во иднина да не може да се повтори ваква ситуација. Авторитетот и интегритетот на секој поединец, од најниско до највисоко ниво да произлегува од него самиот и од неговите квалитети, а не од позицијата која некој му ја доделил и од која тој не може да биде разрешен заради „лојалноста“ кон тој што го поставил. Секој поединец, преку демократскиот модел на организираност, треба да биде принуден да биде лојален единствено на партијата и нејзините принципи – чесност, одговорност и посветеност.
Во таа насока е направен овој концепт за демократизација на партијата кој претставува почетен модел за кој може да се поведе отворена дебата. Добро би било да се критикува и секој критичар да даде свои забелешки, идеи и предлози.
Не се претендира ова да биде единствено мислење, на тој начин не би имале демократија, нели?
Членови на ВМРО-ДОПМНЕ, браќа и сестри, ајде ЗАЕДНО да ја реформираме партијата!
Сеедно е кој ќе ги спроведе реформите, важно е кој ќе избереме, ние, членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Важно е конечно да добиеме навистина модерна партија, во која сите ќе се чувствуваме како дел од неа. Партија која ќе биде силна како никогаш до сега.