Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ заврши без најава за суштински реформи во партијата, реагира реформаторот Александар Михајлоски на промената на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Никола Груевски имаше историска шанса на Централниот комитет да ја стави на разгледување и на одобрување Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ, како вовед во еден процес за структурални промени, на кој начин партијата ќе ја покажеше својата посветеност кон ЕУ и НАТО интеграциите и ќе можеше многу посилна, обединета и реформирана да влезе во изборите, но наместо тоа, одлучи да робува на минатото и на застарените политики, кои партијата ја однесоа во опозиција“, напиша Михајлоски на Фејсбук.
Според него, „освежувањето” на партијата со одредени исклучоци е големо разочарување не само за вмровците, туку и за цела јавност во Република Македонија.
„Ние од иницијативата до распишување на локалните избори ќе продолжиме со нашите активности, уште поуверени дека сме на вистинскиот пат. Искрено се надеваме дека и другите од раководството кои имаат судски постапки и кои веруваат дека се неосновани ќе го следат примерот на Сашо Мијалков и ќе дозволат партијата во следните избори да влезе неоптоварени со судските постапки, кои се големо бреме за партијата“, додава тој.