Иницијаторите за реформи и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно се на терен и остваруваат средби со партиските членови по општинските комитети на партијата. Еден од инизијаторите, Петар Богојески за „Фокус“ вели дека посетеноста е различна од општина во општина, но кај членовите се намалувал стравот од заканите.
-Многу пати до сега најавувавме жестоко темпо за промовирање на суштинските реформи на ВМРО ДПМНЕ на терен, преку непосреден контакт со сите наши членови. Тоа стана реалност, направивме средби со наши членови во преку 80% од нашите Општински Комитети. Продолжуваме во таа насока и оваа недела, со цел пред изборите да ги координираме 100% од ОК на ВМРО ДПМНЕ. Посетеноста на настаните е различна, од општина до општина, но состаноците како оние во Битола, Велес, Струга, Бутел, Кисела Вода и многу други не охрабруваат дека секој ден се повеќе членови престануваат да се плашат од заканите кои им доаѓаат од републички и локални функционери, секој ден се помасовно се приклучуваат на Внатрешната иницијатива за реформи, вели Богојески.
Тој додава дека покрај масовноста, многу значајна е енергијата и мотивацијата кои се чуствуваат при секоја средба.
-Луѓето со невиден оптимизам гледаат на успехот на реформите, сите го очекуваат денот кога истите ќе бидат комплетно реализирани и ВМРО ДПМНЕ ќе се ослободи од товарот на минатото и одлучно ќе зачекори во иднината, во европската иднина за партијата и за Републиката!, заклучува Богојески.