Во Владата денеска се одржа седница на Советот за реформа на јавната администрација, прва откако со владиниот кабинет раководи премиерот Димитар Ковачевски.
На седницата, на која присуствувале претставници на Владата и на владиниот Генералени секретаријат, експерти, премиерот Ковачевски ја соопшти јасната определба за ефикасна и професионална јавна администрација, што е предвидено во Нацрт текстот на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030 година и побара проактивно работење веднаш, за ефикасна реализација.
– Реформата на јавната администрација останува еден од клучните приоритети на Владата, но сега се издигнува како прашање од исклучителна важност и за процесот на преговори со Европската Унија, со фактот дека е една од клучните области од Кластерот Основи. Како што сите веќе знаете, јас го изразив моето очекување Република Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија до 2030 година. И ова е остварливо, доколку секој покаже државничко однесување во периодот пред нас. Секако дека на тој пат има политички предизвици што треба да се решаваат и ќе ги решаваме, нагласил премиерот Ковачевски, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Но, тоа, порачал, не значи и не смее да значи дека реформите може и треба да чекаат. Напротив, укажал, реформата во јавната администрација мора да ја спроведеме, не само како услов за ЕУ, туку пред сѐ поради квалитетот на живот на граѓаните дома, во нашата држава.