Реформа на континуитет или дисконтинуитет?

by Fokus

Во изминатиот период, и покрај едукацијата на судиите и обвинителите, подобрувањето на условите за работа, покачувањето на платите, осамостојувањето и зголемувањето на судските буџети, формирање на судско буџетски совет , трајните мандати, формирање на тело за избор составено од судии и други решенија, не само што не дадоа резултати  и што изостана подобрување на состојбите туку напротив, состојбите се влошија, а недовербата на граѓаните е уште поголема.

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Со години се најавува реформа на правосудниот систем како една од најгорливите точки, поради која општеството е доведено до раб на анархија. Честопати определени законски измени или понекое кадровско решение, скоро секогаш уште полошо од претходното, се прикажуваат како почеток на некакви реформи.

Постојано се лицитира и зборува за моделот на реформата, па се изнаслушавме за генерален реизбор, реевалуација, ветинг и уште многу други странски зборови, кои останаа само мртва буква на хартија, без било каква реализација. Но, без оглед на видот и моделот на судската или правосудната реформа секогаш се замислува или прикажува како реформа на континуитет и то со постапни реформи со еволутивен карактер.

Повеќе од очигледно е дека реформа на континуитет (едукација на сегашните судии и обвинители и зајакнување на внатрешните ресурси) ниту е можна, ниту оправдана, ниту дава резултати.

Во изминатиот период, и покрај едукацијата на судиите и обвинителите, подобрувањето на условите за работа, покачувањето на платите, осамостојувањето и зголемувањето на судските буџети, формирање на судско буџетски совет , трајните мандати, формирање на тело за избор составено од судии и други решенија, не само што не дадоа резултати  и што изостана подобрување на состојбите туку напротив, состојбите се влошија, а недовербата на граѓаните е уште поголема.

Честопати, а имав прилика истото и самиот да го чујам од некои од судиите, судиите не ја земаат во предвид перцепцијата на граѓаните како еден од показателите на состојбата во судството и мерило за довербата. Но, судството не е стопански субјект или производно претпријатие па неговите резултати да ги пресметуваме спрема финансиските приходи или произведена стока, туку е институција која во име на граѓаните изрекува одлуки и казни и тоа го пишуваат во секоја пресуда.

ПЕРЦЕПЦИЈАТА НА ГРАЃАНИТЕ ЗА СУДСТВОТО Е СЕ ПОЛОША

Глупоста која ја изрече еден од функционерите, дека не треба да се зема во предвид мислењето на граѓаните туку бројот на предмети кои се предаваат во судот покажуваат дека луѓето имаат доверба, инаку не би се суделе во толкав број , не би ја коментирал само ќе кажам дека тоа е толку глупо како да кажеш дека луѓето не се незадоволни од сообраќајната инфрастуктура и паркинзите затоа што возат коли и се паркираат, а се длабоко незадоволни.Па немаат друго решение и друга можност, инаку да ги имаат судот би отишол под стечај за многу кратко време.

Перцепцијата на граѓаните за судството, па и правосудството,  од ден на ден е се полоша па од 8% доверба падна на 3%, а според некои анкети од 10 граѓани 8 сметаат дека немаат еднакви шанси пред правосудството. Покрај ова тука се и десетина контраверзни случаи, за кои постојано се зборува и коментира како и аферите кои секојдневно го тресат судството и обвинителството што уште повеќе го поткопува угледот и довербата на правосудството.

Недопирливоста на поедини функционери, непотизмот, корупцијата и бизнис политичкото влијание во судството уште повеќе го врежуваат кај народот негативното мислење и недоверба кон судството и правосудството воопшто.

Групи на граѓани ги препознаваат и посочуваат правосудните органи, поедини обвинители и судии, како најголеми виновници за ваквите состојби во правосудството и општеството. Кругот на недопирливоста не се затвара веќе само со функционерите и високата корупција таканаречени крималци со “белите јаки” туку недопирливи стануваат и криминалци преку кои партиите нелегално заработуваат преку рекет, кријумчарење, недозволена трговија, даночни пирамиди…

Во ваков амбиент на исклучителна недоверба, огромна правна несигурност, селективност на правдата, долготрајни судски постапки и политички монтирани предмети илузорно е да се очекуваат странски инвестиции, кои се пазарно ориентирани, а кои не зависат од  политичка подршка. Сето тоа го поткопува и социјалниот мир, па во таква поставеност на односите очекувано е граѓаните почесто во иднина да прибегнуваат и кон алтернативни начини на решавање на споровите што води неминовно во безаконие.

Состојбата во која се наоѓа судството, перцепцијата на граѓаните, досегашните случувања и аферите се силни  аргументи против реформата на континуитет во која правосудните органи се сметаат за партнер. Илузорно е и неоправдано трулоста, разнебитеноста, корумпираноста и исполитизираноста на правосудството да имаат континуитет затоа што континуитетот овозможува нивно продолжување, негување и траење наместо ставање на крај и точка на таквата  состојба.

Токму затоа е потребна реформа на дисконтинуитет со ставање на остра црта и длабок рез на периодот пред реформата. Потребно е длабоко да се засече и отстрани заболеното ткиво на правосудството а тоа е единствено можно ако во постоечкиот амбиент на корупција, партизираност, непотизам, неефикасност и недоветност правосудството и неговите функционери, судии и обвинители, се сметаат и се перцепираат како проблем.

Реевалуацијата која како дел од реформата мора да се спроведе над сите судии и обвинители и тоа на неколку нивоа. Првото ниво треба да е стручно и да опфаќа реевалуација на предметите по кој постапувал  и одлуките кој ги донел еден судија и обвинител.

Второто ниво треба да опфаќа реевалуација на неговото напредување по вертикала и хоризонтала и третото ниво да биде испитување на потеклото на неговиот и имотот на неговото семејство.

Овие фази на реевалуација треба да се спроведат напоредно и сихронизирано, а треба да ги спроведе независно и самостојно тело составено од експерти кои немале допир со политиката особено судии и обвинители кои се во пензија и немале ниту една дамка во своето работење, а такви за среќа се уште има во Македонија.

Поврзани новости