Како пратеник во парламентот, ќе продолжам да делувам според моите убедувања, што значи продолжување на континуитетот на владата, особено во правец на почеток на преговори со ЕУ и менаџирање на пандемијата и кризата, вели во изјава за Фокус Кастриот Реџепи, поради кој пропадна иницијативата на опозицијата за недоверба на владата, по што неговата матична партија Беса го исклучи од членството.
-Јас се уште немам добиено писмено известување од партијата дека сум исклучен, за да можам да ја обжалам. Немам добиено ниту известување дека другите двајца пратеници на Беса ќе делуваат како Беса, а јас не. Во меѓувреме, јас ќе делувам согласно моите убедувања во собранието – вели Реџепи.
Тој објаснува дека неколку функционери на Беса можеби одлучиле, условно кажано, да ја променат страната, но таква одлука нема донесено партиски орган на партијата, за, какво што вели, ваквата одлука да има правно дејство согласно статутот.
-Јас како потпретседател на Беса тврдам дека не е донесена таква одлука, како што е донесена за коалиција со СДСМ и учество во владата. Се потпишав на иницијативата во ситуација кога Зоран Заев имаше најавено неотповиклива оставка. Но потоа, кога ќе размисли човек, Левица сигурно не е алтернативата – истакнува Реџепи.
Тој открива дека по обелоденувањето на иницијативата за ново парламентарно мнозинство, пратеници и функционери од парлемантарното мнозинство го убедувале да се откаже. Но, како што открива, таква одлука донел по сугестии од меѓународната заедница.
-Не станува збор за еден пресуден контакт, туку за контакти што редовно ги остварував со претставници на меѓународната заедница, како задолжен за комуникација. Притоа, добив уверување дека сериозно се работи на довивање на датум во декември, поради што одлучив како што одлучив – посочува Реџепи.
Во таа насока, додава тој, изминатава година Франција и Холандија го смениле ставот и сега, за разлика од порано, се залагаат за проширување на Унијата. Патем, како што потенцира, за таа цел засилено работела и многу инвестирала САД.
-Уште пред да завршат изборите во Бугарија, ми беше кажувано дека најверојатно ќе победи проамериканска и прогресивна опција, што впрочем и се случи, така што сега се отвора патот за решение – нагласува Реџепи.
Затоа, како што вели тој, не жали што донел одлука да не се појави во собранието, односно да не гласа за недоверба на владата, иако, според неговите тврдења, бил подложен на притисоци, па дури и закани.
-Знаев дека ќе имам притисоци, па затоа не дојдов во собранието и ги исклучив телефоните. После кога ги вклучив, видов дека ми биле испраќани пораки од сопартијци да дојдам да гласам. Тоа беше еден вид политички притисок, додека активисти на една друга партија директно и ми закануваа по живот – изјави Реџепи.
Влатко Стојановски