Реџепи: Со вметнување на Бугарите ќе се отворат хоризонтите кон ЕУ, ќе има меѓуетнички тензии – Албанците не смее да бидат заложници

by Fokus

Скендер Реџепи – независен пратеник кој до неодамна беше дел од Алтернативата прв од пратениците доби збор на седницата за уставните измени за вметнување на Бугарите.

Тој побара да се избрише формулацијата „20 отсто“ од Уставот при измените што треба да се донесат следниот период. Реџепи рече дека со вметнувањето на Бугарите ќе се отворат хоризонтите кон ЕУ, но во државата ќе има меѓуетнички тензии. Според него, Албанците не смее да бидат заложници.

„Може да се случат и други барања, албански општини да бараат пат кон ЕУ, одделно од македонските општини. Ова не би го посакувале, но реалноста е таа. Македонија денеска е пред голема раскрсница. Имаме пат на кој можеме да патуваме заедно како народи, како заедничко тело на државата и докажувајќи дека Македонија може да биде дел од ЕУ. Најдобриот пат за сите граѓани е тоа што ние треба да отвориме нови хоризонти кон ЕУ и да ги затвораме и етничките прашања. Како може да се случи тоа. Со предлогот за измена јас би предложил таму да бидат и Гораните, Торбешите и овој Устав да биде иницијатива за бришење на ’20 отсто’ бидејќи е срамно и 20 години живеат со срам од тоа. Ова ќе биде добро за сите граѓани“, рече Реџепи.

Според него, вметнувањето на Бугарите во Уставот нема да ги реши историските прашања што се отворени меѓу двете држави.

„Македонците не се тие што ќе бидат навредени за својот идентитет со вметнување на Бугарите во Уставот, туку е услов за патот кон ЕУ. Проблемите помеѓу Македонците и Бугарите нема да се решат со промената на Уставот. Без разлика дали ќе ги ставиме, за нив – Гоце Делчев останува Бугарин, а за Македонците – Македонец. Ова не може ние да го решаваме со пратеници, туку со историчарите“, додаде Реџепи.

Поврзани новости