Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, денеска конечно се огласи во јавноста по информациите дека го повлекува потписот во рамки на иницијативата за формирање на ново парламентарно мнозинство.
Тој за Алсат М ги потврди ваквите информации, истакнувајќи дека, иако се залага за уривање власта, тоа нема да го стори по цена неговиот потпис да биде на список на кој се наоѓаат потписите на пратениците од Левица.
-Кога ја составувавме листата, Левица не беше дел од неа. Не прифаќам мојот потпис да е дел од списокот заедно со потписот на лидерот на Левица. Не го добивме мандатот за да и служиме на антиалбанска кауза – рече Реџепи.
Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ, ААА, Левица и Беса го немаат потребното мнозинство од 61 пратеник, потребно за да изгласаат недоверба на владата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ќе поднесе вакво барање ако денес до 14.30 премиерот Зоран Заев не ја поднесе најавената оставка.