Независниот пратеник Кастриот Реџепи, кој беше исклучен од Беса откако пред точно една година ја спаси владата на СДСМ и ДУИ, отсуствувајќи од собраниската седница за изгласување на недоверба, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за уставни промени, неопходно за отворање на преговарачките поглавја со ЕУ.
-Верувам во тоа, зашто сам сум гласал против позицијата на политичката партија, иако немаше одлука на органите. Гласав различно од партијата. Исто така, мислам дека секогаш ќе има совесни пратеници да го искористат уставно загарантираното право да гласаат по сопствено убедување, иако не би било во линија со партијата – вели Реџепи.
Фактот што за двотретинско мнозинство потребна е поддршката на 8 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, кои со нотарски изјави се обврзаа дека нема да гласаат внесување на Бугарите во Уставот под овие околности, според него, нема никакво значење ниту во правна ниту во политичка смисла.
-Сметам дека тоа е бламажа. Тоа нема правна сила. Не се работи овде за заем или не знам што. Политичката волја или позиција не е нешто апсолутно што никогаш не се менува. Врз основа на околностите може да се промени. И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се за зачленување во ЕУ, па зошто би блокирале еден процес кој би помогнал да се оди напред? – посочува тој.
Воедно, тој додава дека се менува реториката на Христијан Мицкоски и неговата позиција еволуира, што, според него, овозможува да се менуваат и размислувањата на пратениците. Како што нагласува Реџепи, тој е против било какви пазарења.
-Ние, како општество и демократија треба да одиме напред, да достигнеме ниво еден пратеник за одредени прашања да одлучи според убедувањата и да не биде анатемисан од својата партија како црна овца и да стане мета на јавен линч. Знам дека сме далеку од тоа, но сега со уставните промени сакам да се направи уште еден чекор. Јас еден чекор направив лани, претходно направија 8 пратеници и така ја развиваме демократија – нагласи пратеникот.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ