Опозициската Алтернатива на денешната координација на партиското раководство не донесе конечна одлука како ќе се постави во рамки на процесот за изгласување на недоверба на актуелната влада.
Сите пратеници од оваа партија ставија потпис на иницијативата, бидејќи, како што рече партискиот лидер Африм Гаши, нормално е како опозициска партија да работат на уривање на власта.
Меѓутоа, партискиот генерален секретар и пратеник Скендер Реџепи-Зејд денеска официјално потврди дека ја повлекува поддршката, бидејќи, како што рече, не очекувал дека неговиот потпис ќе биде на ист список со, според него, антиалбанската Левица.
Реџепи за Фокус кусо изјави дека неговиот став е дециден е нема да се менува, што значи дека нема да гласа за недоверба на владата поради Левица.
Партискиот портпарол Орхан Муртезани, пак, ни изјави дека утре ќе продолжи за заседава партиското раководство, истакнувајќи дека донесената одлука ќе ја почитуваат сите.
Инаку, Алтернатива има 4 пратеници и настапува во коалиција со Алијанса за Албанците, чиј лидер Зијадин Села денес изјави дека Реџепи не е дете и знаел што потпишува.
В.С.