Реџепи: Меџити ми е пријател, не сум слушнал дека Ахмети избркал некој од ДУИ!

Имав кафе-средба со Меџити и Беџети, бидејќи бев заинтересиран што поконкретно се случува во ДУИ, во правец на тоа дека нема да дојде до знак прашање мнозинството, вели пратеникот Кастриот Реџепи во интервју за „Фокус“.

by Фокус

Поранешниот потпретседател на Беса Кастриот Реџепи, кој беше исклучен од партијата откако пред точно една година отсуствуваше од собраниската седница за изгласување на недоверба на владата на СДСМ и ДУИ, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека ќе продолжи да дејствува како независен пратеник, и покрај тоа што има блиска комуникација со претставници на ДУИ.

Јас сум личен пријател со Изет Меџити од поодамна, кога не бев во политиката. Во овој период по гласањето, сме имале контакти и сум имал негова морална поддршка. Не беше лесен период за мене. Имав кафе-средба со Меџити и со Блерим Беџети. Нормално како пратеник што дејствува да продолжи ова мнозинство за да може процесот да истрае, бев заинтересиран што поконкретно се случува во ДУИ, во правец на тоа дека нема да дојде до знак прашање мнозинството – вели Реџепи.

Во однос на внатрепартиските превирања во рамки на ДУИ, каде таканаречената „огнена група“ предводена токму од Меџити и Беџети бара отчет од министрите на ДУИ и повлекување на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, Реџепи вели:

„Не сум слушнал дека Али Ахмети избркал некој од партија, иако имало луѓе што не се согласувале. Сами да излезат имало, но да избрка некој, не сум слушнал. Тоа е внатрешна дебата и не знам како ги имаат регулирано односите, кои се обврските на министрите кон партиските структури. За интерпелација на Груби беше кажано дека е работа на опозицијата и Беса најави, но се откажа. Една опозиција нема капацитет да покрене една иницијатива за интерпелација…“.

Што се однесува до владата, според него, перформансот може да биде подобар. Како што истакнува Реџепи, во интерни комуникации со премиерот Димитар Ковачевски и министрите се залага „да се забрзаат некои работи“. Сепак, тој посочува дека ова мнозинство е „најдобра моментална комбинација и за интеграцискиот процес и за справување со кризите“.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости