Одлуките за сите случаи со разрешени судии се донесени речиси едногласно. Може понекогаш да има еден – два гласа против, но генерално сите членови својот став го црпат од извештај на комисија, односно доказите и од материјалите што ги имаме на анализа кога ја носиме одлуката. И кога се постапува согласно доказите членовите на Советот не може да одлучуваат под влијание на политиката, односно тие мора да одлучуваат според правото и правната материја.
Ова го изјавила претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска во интервју за МИА за разрешувањата на судиите за непрофесионално постапување.
Во моментов во Судскиот совет има околу 480 претставки поднесени од граѓани, правни лица, невладини организации, а барања за одговорнот кај судии 50.
-Сите претставки се распоредени кај членовите на Судскиот совет. Секако дека за толкав број претставки е неопходно подолго време додека ги поминеме сите, а во меѓувреме постојано стигаат и нови. Инаку, Судскиот совет еднаш во месецот одржува седница посветена на граѓанските претставки и на тие седници се носат одлуки за десетици предмети, откако претходно членовите на Советот ќе реферираат за секоја претставка одделно. За да нема забуна во јавноста, претставките не се директно барање за нечија одговорност за разлика од барањата за утврдување одговорност, вели Црвенковска.
Во земјава фалат околу 180 судии, односно бројката на судиите што работат е многу помала од она што е потребно.
-Во моментов имаме околу 490 судии, а до крајот на 2022 година во пензија ќе заминат 60-тина судии, па бројката ќе стигне до 430 судии. Таа бројка малку ќе се зголеми со изборот на нови судии од редот на студентите од Академијата за судии и јавни обвинители, но сепак повторно ќе имаме помал број судии од потребниот. Систематизацијата предвидува дека ни се неопходни околу 630 судии за да може предметите побрзо и поефикасно да се решат, односно во речиси сите судови низ државата, и пониските, и повисоките, недостигаат судии, а со пензионирањето до крајот на следната година судовите ќе имаат за околу 180 судии помалку од предвидената систематизација, вели Црвенковска.