Повеќе од половината од 525 починати во Косово како последица на зараза од новиот коронавирус се регистрирани во август, шестиот месец на соочување со пандемијата, покажуваат официјалните статистики кои денеска ги пренесуваат неколку косовски медиуми.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во текот на овој месец борбата со Ковид-19 ја загубиле вкупно 298 лица, што претставува просек од речиси 10 починати дневно.
На 31 јули во Косово беа евидентирани 8.330 носители на вирусот и 227 смртни случаи како последица на епидемијата, додека 31 ден подоцна бројката на заболени се зголеми на вкупно 13.454 лица и 525 жртви. Тоа значи дека само во август 5.124 лица кај коишто е извршено тестирање во косовските клиники резултирале позитивни на новиот коронавирус, што претставува просек од 165 нови случаи дневно.
Најпогоден од пандемијата е главниот град Приштина, каде што досега се забележани над 4.200 заразени.
Најтежок ден, што се однесува до жртвите, беше 6 август, со 16 починати, додека најмногу новозаболени беа регистрирани на 3 август – 250 случаи. 24-тиот ден од тој месец беше единствениот со двоцифрена бројка новозаболени, вкупно 99, додека на 28 август е забележана најниската бројка на починати – само една жртва.
Овој месец забележа рекорд и според бројот на излекувани од Ковид-19. Повеќе од половина од лицата кои ја совладале болеста – 5.017 од вкупно 9.595, се евидентирани во август.
Во косовските болници се лекуваат 356 лица кај кои е потврдена заразата, од нив 120 во Клиничкиот и универзитетски центар на Косово и 236 во другите регионални болници во земјата.
Во септември Косово влегува со 3.334 активни случаи со Ковид-19.