Околу три проценти од вкупното резидентно население во земјава имаат двојно државјанство.
Најголем дел од нив, околу 37 проценти освен македонско имаат и бугарско државјанство, додека половина од лицата со двојно државјанство се млади од 20 до 34 години и активно население од 35 до 49 години, покажуваат податоците од Пописот 2021, објавени денеска од Државниот завод за статистика.
Од вкупното резидентно население 1 778 725 лица се државјани на Република Северна Македонија, 53 201 се државјани на Република Северна Македонија и друга држава, 4203 се државјани само на друга држава, а 584 лица немале државјанство.
Интересно е тоа што, додека двојно државјанство повеќе имаат мажите – 30 003, отколку жени – 23 198, државјани на друга држава кои живеат во нашата земја се повеќе жени – 2824, од мажи – 1 379.
По старосни групи, најголем дел од резидентното население со двојно државјанство се на возраст од 35 до 39 години – 5 190 лица. Половина од лицата со двојно државјанство се млади од 20 до 34 години – 11 768 или 22 отсто и активно население од 35 до 49 години – 15 171 или 28,5 проценти.
Од вкупно 53 201 граѓанин со двојно државјанство, најголем дел 19 645 освен македонското, имаат и бугарско, по што следат 10 909 и со српско, 3819 и со хрватско, 2393 и со косовско и 2164 и со албанско државјанство.
Според етничката припадност, најголем дел од граѓаните со двојно државјанство се Македоцни – 58,8 проценти, постоа Албанци 16,04 отсто и Срби – 10,7 проценти.
МИА