Согласно Правилникот за постапката и роковникот активно се регистрирале 51.228 членови на СДСМ за гласање на вторите непосредни внатрепартиски избори за лидер на партијата.
Од СДСМ информираат дека пријави се пристигнати и по истекување на предвидените рокови и поради тоа, како и поради кратките рокови, донесена е одлука во недела да може да гласа секој што има електронска членска картичка.
Од овие причини, имајќи го предвид краткиот временски рок за активна регистрација, но и интересот на членовите на СДСМ, Централната изборна комисија донесе одлука да им се овозможи на сите членови кои поседуваат електронска членска картичка да може да се регистрираат на самото гласачко место и да гласаат на вонредните внатрепартиските избори, велат од СДСМ.
На минатите внатрепартиски избори кои се одржаа во март годинава, регистрирани беа вкупно 68.999 членови. Ова значи дека за овие избори се регистрирале 17.771 членови помалку во споредба со минатите избори.
Гласањето на овие вонредни избори на 12 декември ќе се одвива на 194 избирачки места низ општинските организации на СДСМ ширум државата, почнувајќи од 08.00 часот наутро, се до 19.00 часот попланде.
Гласањето е тајно, со заокружување на редниот број на еден од тројцата кандидати за претседатал на СДСМ кои се наоѓаат на гласачкото ливче, согласно жрепка за утврден редослед. Кандидатите се: Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски.
К.С.Б.