Собранието за понеделник ја закажа седницата на која, меѓу другите предлог-законски решенија, ќе се расправа и за ребалансот на Буџетот.
Дополнетиот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на седницата.
Ребалансот ги помина општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и Буџет, по што Владата завчера, на 6 август, го донесе и дополнетиот ребаланс на Буџетот со кој, како што соопшти, се обезбедени плус средства – за плати и за набавка на опрема за повеќе институции.
Како што истакна на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, со подготвениот и надограден ребаланс се проектираат средства за целосно сервисирање на сите права и доспеани обврски до крајот на годината – за пензионерите, за вработените во администрацијата, за бизнисот, здравството,.. Обезбедени се, нагласи, средства за исплата и зголемување на платите во јавната администрација согласно сите потпишани колективни договори.