Од Службата за општи и заеднички работи на Владата го демантираа ценовникот од владиното бифе што го објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Оттаму велат дека во бифето од ресторанот се опслужуваат 250 вработени во Владата покрај функционерите, а во Собранието бифето го користат сите пратеници, вработени во службите, како и медиумските работници кои се на извршување на работни задачи во законодавниот дом.
„Во рестораните во државните институции секојдневно се опслужуваат илјадници вработени во државните институции, како и граѓани кои ги посетуваат институциите“, соопштија од СОЗР.
Оттаму појаснија дека „рестораните во државните институции кои се менаџирани од СОЗР работат на принцип на рамковни годишни набавки и маржа од 15 отсто, поради што цените се конкретни и се пониски од комерцијалните ресторани кои остваруваат профит и не функционираат со годишни јавни набавки“.
„Прашањето на разликата во цените во ресторани кои ги опслужуваат државните институции и цените во комерцијалните ресторани кои ги плаќаат граѓаните не е прашање на привилегија, туку е прашање на одговорно работење и практики кои ги употребува СОЗР преку кои што се држат трошоците на институциите под контрола“ велат од СОЗР.
Додаваат дека за разлика од енормните трошоци и милионските суми кои ги трошеше владата на ВМРО ДПМНЕ во овој сегмент, сега преку овие воведени практики на одговорно работење, трошоците се сведени на минимум.