Од Кабинетот на претседателот на Собранието – Африм Гаши, реагираат по претставката на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ за заклетвата на албански јазик пред македонскиот јазик, што ја положи новоизбраниот спикер.
Оттаму велат дека употребата на албанскиот јазик во службената комуникација е загарантирана со Уставот.
Костадиновска Стојчевска рече дека лидерот на Алтернатива е пријавен во инспекциските служби на нејзиното министерство за заштита на Законот за употреба на македонскиот јазик.
„Претседателот на Собранието го остварува правото на употреба на албанскиот јазик во службената комуникација, што е загарантирано со уставот, важечките закони и прописите на Собранието. Ова законско право ќе го остварува во текот на целиот мандат. Спикерот Гаши се залага сите собраниски процедури, согласно правата и обврските кои произлегуваат од законите, да го почитуваат и унапредуваат нашето мултикултурно општество“ – се вели во реакцијата.