МЕПСО денеска соопшти дека нема заостанати, неплатени обврски, отфрлајќи ги како неточни информациите изнесени на прес-конференцијата во Министерството за финансии.
Како што стои во соопштението, МЕПСО во рамките на своите деловни потфати има евидентирани обврски кои не се доспеани и не можат да имаат третман на заостанати побарувања.
„Во јавноста беа пласирани податоци за обврски за кои се водат судски процеси кои ќе бидат сервисирани по окончувањето на судските спорови. Во интерес на целосно и објективно информирање, појаснуваме дека финансиските обврски, за кои некои медиуми пренесоа дека се заостанати, а беа третирани на прес-конференцијата на Министерството за финансии, се оспорени и за нив компанијата води судски процеси кои се уште не се завршени. Тоа не се заостанати обврски“, наведува МЕПСО и додава дека редовно и навремено, во валутен рок, ги измирува своите обврски врз основа на плановите и реализацијата на своите деловни активности.