Поранешната директорка на Домот за деца без родители „11 Октомври“ Ристенка Атанасова во реакција за сторијата на „Макфакс“ за неоправданите трошоци, наведува дека сметката за алкохол направена за време на зимувањето на штитениците во ски-центарот на Попова Шапка е почастување на директори кои дале попуст за хотелското сместување на децата, пишува порталот.
За сметката која беше јавно објавена за скапите часовници, Атанасова вели дека е направена за набавка на пет часовници за пет матуранти како подарок од установата и не е помината од магацин бидејќи им е директно подарено на децата.
За повисоките телефонски сметки, таа објасни дека се случувале само кога била на службено патување во странство и морала да биде достапна во секое време и информирана за сè што се одвива во установата.
Екс директорката вели дека кога дошла на директорското место, условите во Домот биле на најниско ниво. Таа, како што вели, ги реновирала сите тоалети, се направиле нови кујни, се ставиле нови прозори, се реновирала фасадата и сите подови, биле поставени нови машини за перење во сите тоалети, се набавиле ЛЦД телевизори, се обновиле душеците и креветите, се вовело Wi-Fi, и биле донесени таблети и лап-топи.
Атанасова реагира дека пред да дојде министерката Фросина Ременска на функција, во Домот имало три финансиски ревизии на кои не била најдена никаква нерегуларност и повеќе санитарнии инспекции во кои сè што недостигало е санирано.