Четворица јавни обвинители од Републичкото Јавно обвинителство испратија соопштение до јавноста во кое известуваат дека се против одлуката на кумановското јавно обвинителство и кумановскиот суд да го преквалификуваат делото во случајот со смртта на малиот Алмир, и наместо за убиство, на обвинетиот Бобан Илиќ да му се суди за кривично дело од областа на сообраќајот.
На соопштението испратено до јавноста се потпишани Ферат Елези, Башким Бесими, Џелал Бајрами и Исмаил Дардишта.
„Во врска со настанот познат во јавноста како Случај на малиот Алмир, ние јавните обвинители од Јавното обвинителство на РМ сакаме да ја информираме пошироката јавност дека со преквалификацијата на кривичното дело Убиство предвидено во член 123 ст.2 т.3 од КЗ на РМ во кривично дело од областа на сообраќајот предвидено во член 300 ст.2 во вв со член 297 ст.1 од КЗ на РМ како тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, е сторено повреда на основните начела на законот за јавното обвинителство како што се начелото на законитост, непристрасност, објективност и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои воедно се и основни и темелни вредности на Уставот на РМ.
Ние јавните обвинители во Јавното обвинителство на РМ уште од почетокот при реферирањето по овој случај во ЈОРМ сме имале став и се уште остануваме на тој став дека обвинителниот акт КО бр.697/2016 од 19.12.2016 година на ОЈО Куманово кореспонедира во целост со дејствијата на обвинетиот како што и бил првично обвинет за кривично дело Убиство предвидено во член 123 ст.2 т.3 од КЗ на РМ.
Ваквиот наш стручен став е образложен и на одржаните колегиуми во ЈОРМ во врска со овој настан“, стои во соопштението.