Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, по вчерашните состаноци со Централниот и Извршниот комитет, го прекина молкот и конечно јавно го кажа ставот на партијата по повод референдумот.
Неговата изјава дека донеле одлука секој граѓанин да постапи според свое сопственото убедување предизвика разни реакции на социјалните мрежи. На официјалната страница на Мицкоски на Фејсбук, каде тој има околу 30 илјади следбеници, граѓаните оставаат најразлични коментари, од пораки до лидерот дека не треба да ги врти работите од околу и кратко и јасно да си го каже ставот, до такви кои му честитаат на мудроста што оставил народот да се води по сопствено убедување.
По неговата изјава -Имате се пред вас, и се е толку видливо и мерливо, и сите аргументи, и сите факти, и јас сум убеден дека знаете, знаете што треба да направите. Вие најдобро знаете што сакам да ви кажам и дека ова што ви го кажувам допира до секој еден од вас, само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум – многумина му порачале дека го прочитале помеѓу редови и јасно им е дека со тие зборови индиректно ги повикал на бојкот.
Но, голем е и бројот на оние кои во коментари му се обраќаат со зборовите – Зошто не го повикавте народот на бојкот кратко и јасно, има луѓе кои тешко разбираат и читаат меѓу редови, вие повикавте на бојкот, но требаше тоа да биде директно кажано од вашата уста, народот тоа и го очекуваше.
-Итро кажано, старите велат округло, па на ќоше, е уште еден од коментарите од неговите следбеници, по соопштувањето на долго очекуваниот став на опозицијата.
Вики Клинчарова