Русија се соочува со „сериозен недостиг на човечки ресурси“ во својата шестмесечна војна со Украина, заклучија разузнавачките служби на САД, јавија дел од американските медиуми.
Русија се обидува преку разни начини да го реши проблемот со немање доволно војска, како на пример терајќи ги ранетите војници да се вратат во борбените линии, ангажирајќи приватни компании за обезбедување, па дури и повици за служба на затворениците, изјави неименуван американски службеник.
Според него, како што било потврдено од разузнавачите, Министерството за одбрана на Русија во најскоро време ќе започне со повици до криминалците да стапат во служба „во замена за помилување и финансиска компензација“.
Како што е познато, рускиот претседател Владимир Путин минатата недела потпиша указ за зголемување на бројноста на вооружените сили за 137,000 војници, или вкупно 1.15 милиони луѓе. Указот стапува во сила на 1 јануари.
Заменик министерот за одбрана на САД, Колин Кал, неодамна изјави дека според оценките на САД, во првите месеци од војната Русија претрпела огромни загуби.
-Во војната има многу магла, но сметам дека може со увереност да се каже дека за помалку од шест месеци руските загуби најверојатно бројат 60 до 70 илјади луѓе,. Тука се вклучени убиените и ранетите. Тој број може да биде малку помал или малку поголем, но сметам дека е слично на тоа, изјави Кал.