Разумен сомнеж- Партијата не бара писменост, бара бакнување задници

by fokus

Секогаш ми е комично кога ги гледам нашите властодршци кога тазе ќе преминат во опозиција. Па, се извинуваат, признаваат грешки, се каат и слично. Какви „бљувотини“. Политичарите во Македонија искрено се каат само за една работа. Што немаат трета рака. За и со неа да крадат!

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Лето господово 2018-та година. На телефон ме бара една моја драга пријателка која одлично котира во една од двете најголеми политички партии во Македонија. Ме информира дека нејзиниот претпоставен ме читал на интернет и сакал да оствари средба со мене. Да сме се запознаеле.

Мојата драга пријателка подолго време сака да ме изврбува за партиски цели, а јас па, безобразен, не ѝ давам. Осуетувајќи ја нејзината намера, јасно и посочив дека НЕ сакам да станам член на нејзината партија, и дека НЕ сакам да бидам близок со нејзината или, кога сме на темата, со ниедна партија во Македонија.

Некој час подоцна бев во една од болниците во Скопје да ја посетам мојата мајка која штотуку беше за првпат (од вкупно три операции) оперирана од рак на дебелото црево, и само што беше спуштена од шок соба. Покрај тоа што ми беше мајка и ментор, Маруша ми беше и многу добар пријател и бевме супер блиски.

БЕНЕФИЦИИТЕ ОД КЛАТЕЊЕТО ГЛАВА

Ја информирав за поканата на политичкиот авторитет да се запознае со мене кога жената, целата врзана за апарати, црева и што уште не, одвај свесна срипа од креветот: „Ни мртов во партија!!!“,загрме. Болна, штотуку спуштена од тешка операција, речиси стана од креветот. „Ако ме сакаш мама, ни мртов во партија, цел живот бегам од тие гом*а“.

Далеку од тоа дека немам почит за мојата драга пријателка. Нејзиниот партиски ангажман е нејзин избор. И на средбата, која беше куртоазна, отидов. Јасно му предочив на господинот дека партии НЕ сакам и сметам дека треба да ја цени мојата искреност бидејќи како политички авторитет сигурно се навикнал на тоа да му се умилкуваат.

Не велам дека не би застапувал некој од апашиве како бранител (веројатно тоа би го правел и многу подобро од партискиве адвокати). Напротив, и тоа без да си ја заложувам дипломата како некој од колегите, туку ладно, и без емоции. Би работел строго професионално на проект, или инаку, и за политичка партија.

Немам проблем да издиференцирам мои лични убедувања и професионален ангажман. Но, да бидам член, или полошо „близок“ до политичка партија, да се сведам себеси на „клатиглава“ владин адвокат – тој товар на совеста не можам да го поднесам.

Ако перцепирате строго низ материјална призма, бенефициите од клатењето глава се неспорни. Но, цената е висока, барем за човек како мене, кој смета дека интегритетот, а не материјалните добра треба да бидат на пиедестал. Социо-економската лоша состојба, за жал, ги повампири добрите вредности кај македонските граѓани.

ИНТЕГРИТЕТОТ НЕМА ЦЕНА

Мој драг сокласник, своевремено и висок функционер, ме праша кој е најдобар адвокат во Македонија. На моја реплика да ми посочи по кој критериум најдобар, беше дециден – тој што направил најмногу пари. Така размислува класичен партијаш во државава, или тоа што остана од неа.

Кога по смената на извршната власт, златните кокошки во форма на јавни претпријатија се уште во сопственост или под влијание на државата (ЕЛЕМ, Водовод, делумно ЕВН и Телеком) ги добија на тацна една поранешна министерка за правда од редовите на владејачката партија и кумашин, или венчален сведок, што и да е, на генералниот секретар на Владата на РМ, тоа го обзнанив на фејсбук група за адвокати.

За тоа бев изложен на напад од колешка која гравитира околу УО на Комората. Аргументот ѝ беше, сум бил љубоморен и сум сакал јас да бидам на нивно место (хаха). Фала му на бога, не можам да се пожалам од недостиг на работа. Никогаш не сум бил слабо платен, напротив. Но зарем интегритетот и личната слобода можат да имаат цена? Зарем би ми личело мене да му клатам глава некому и да се преправам дека го сакам?

Низ медиумите изминатата недела проструи и бајата вест дека син на еден познат професор по право (и мој) кој е исклучително близок до владејачката партија го поставиле на позиција заменик директор во државно претпријатие. Не е трагедија политичкиот ангажман на младиот колега. Ниту неговата блискост со владејачката партија.

ДРЖАВНАТА ЦИЦКА Е НАЈСЛАТКА

Трагедија е што амбицијата на еден млад човек во Македонија се сведува на тоа да биде заменик директор во ПУИГ. Тоа е вистинската трагедија. Да не се лажеме, партијашите ја по*баа државава. Ги има во буквално сите пори, ги има и во адвокатурата. Претежно се неписмени, а и зошто би биле, партијата не бара писменост, бара бакнување задници.

Општата тридецениска брутална партизација на државата ја сведе нашата држава на ограбен полупротекторат. Највисоки политички претставници ни се безрбетници кои не смеат ни да кивнат наспроти колонијалните господари, кои не водат автономни политики, туку во целост зависат од насоките од надвор, независно дали тие доаѓаат од Запад или од Исток.

Суверенитетот на граѓаните постои се уште pro forma само во член 2 од нашиот Устав. И што можеме ние како граѓани, наивни ако сакате, кои се уште веруваат во суверенитет и во сопствена политика, необременета од партиски стеги?

Навидум не многу. Приватниот сектор е девастиран, државата е најголем вработувач и бизнисмен, државната цицка, како по правило, е најслатка. Репресивниот систем (УЈП, Финансиската полиција, Јавното обвинителство и судството) по правило му припаѓаат на победникот на парламентарните избори, кои пак никогаш не се срамеле да го користат за свои лукративно-политички цели.

УБК наместо да го прави тоа за што постои (да спречува терористи да стигнат до една населба, а камоли да ја запоседнат) се користеше за уценување бизнисмени и политички противници. И затоа секој чесен граѓанин, а таквите се тивко мнозинство, е исправен пред два избора – или да се сели, или да трпи и да се надева на подобро утре кое никако да дојде.

НИ МРТОВ ВО ПАРТИЈА!

Првиот избор го направија преку 700.000 наши сограѓани независно од етничката припадност. До пред две години бев најголем противник на масовниот егзодус, имајќи притоа максимално разбирање за моите сограѓани. Но повеќе не сум сигурен дали сакам да живеам тука.

Вториот избор е да се остане овде и да се живурка во барата преполна со партијаши, луѓе без чест и интегритет и секако неизбежните и одвратни-македонски политичари. За нас малкумина, кои никогаш не се продадовме на квази политиката, интегритетот е најважен.

Никогаш никому не сум се продал, никогаш денар не сум зел од државниот бунар, и се уште не сакам да гласам, од проста причина што ниту ги сакам, ниту им верувам на македонските политичари. Од тие причини, аманетот на мојот родител имам намера да го испочитувам во целост. Ни мртов во партија!

Затоа, секогаш ми е комично кога ги гледам нашите властодршци кога тазе ќе преминат во опозиција. Па се извинуваат, па признаваат грешки, се каат и слично. Какви „бљувотини“. Политичарите во Македонија искрено се каат само за една работа. Што немаат трета рака. За и со неа да крадат!

Поврзани новости