Владата на денешната седница донесе одлука да ја разреши директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска и го назначи Горан Трајковски за нов в.д директор. Владата во соопштението не ја наведе причината за разрешувањето на Симеска Димоска.
Како што наведува порталот „360 степени“ одговор побарале од Симеска Димоска, дали знае која е причината за нејзината смена од директорската позиција. Таа само кратко ни одговори:
„Тоа е кадровска политика на Влада“. За разлика од неа, владиниот портпаролот Душко Арсовски не одговорил на ова прашање, наведува „360 степени“.
Анета Симеска Димосска беше именувана за в.д. директор на ДПИ во мај 2021 година на местото на Стојко Пауновски кој беше разрешен од Владата на 27 април 2021 година, поради, како што соопшти тогаш Владата, непрофесионално однесување.