Разрешувањето на Вангеловски ја спасило владината коалицијата, Изборниот законик е нов тест за Заев и Ахмети

by Фокус

Препукувањата во рамки на владината коалиција на релација СДСМ-ДУИ по повод несогласувањата околу измените на Изборниот законик не претставува предизборен маркетинг со цел да се оствари политички профит преку вештачки конфликт, туку, како што велат владини извори, станува збор за автентични разлики меѓу двата најголеми владини партнери.

-СДСМ се обидува да го оствари предизборното ветување за една изборна единица, но не очекуваше ваква реакција од ДУИ, од каде доставија илјадници амандмани за да ги блокираат измените. Од друга страна, пак, ДУИ не очекуваше дека СДСМ ќе повлече иницијатива за промена на Изборниот законик без претходна најава и договор – велат нашите соговорници од Илинденска.

- Advertisements -

Инаку, недоразбирањата меѓу двете партии траат подолго време со променливи осцилации, меѓутоа, според сознанијата на Фокус, еден од клучните тестови за оддржливоста на коалицијата бил поврзан со разрешување на веќе поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски.

– ДУИ преку нивното влијание врз членовите-Албанци во судскиот совет два пати го спречи разрешувањето на Вангеловски поради несовесно работење. Но, пред советот конечно да го разреши судијата кој беше синоним за претходниот режим во третиот обид, на ДУИ му беше јасно предочено доколку повторно го опструира овој процес ризикува раскинување на владиното партнерство. Веднаш потоа, тој беше разрешен… – вели висок функционер на СДСМ.

Од ДУИ посочуваат дека точно е оти веќе поранешниот претседател на Врховниот суд бил разрешен по неколку обиди, но од таму демантираат дека како партијата се обиделе да влијаат врз членовите на судскиот совет ниту за негово разрешувување ниту за негово спасување.

-На состаноците на Централното претседателство никој никогаш не застанал во одбрана на Вангеловски. Некои членови-Албанци на судскиот совет несомнено важат за блиски до ДУИ, но воедно тие се професионалци кои строго го почитуваат законот. Може да се каже дека и еден од нив е близок до наш функционер, но тоа е далеку од доволно да се констатира ние сме го спасувале Вангеловски – вели висок партиски функционер од ДУИ.

Додека социјалдемократите праќаат се погласни пораки дека можно е да ја растурат коалицијата пред да се бира новата пржинска влада од причина што проценуваат оти ДУИ и прави штета на владата, во ДУИ не веруваат дека ќе се остварат ваквите закани, бидејќи, според нив, таквиот потег ќе влоши позицијата на СДСМ од аспект на можно коалицирање после изборите.

В.С.

Поврзани новости