Претседателката на Судски совет, Весна Дамева, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, потврди дека извештајот од Комисијата на известители за иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми е готов.
Таа посочи дека за него ќе се расправа на следната седница на Судскиот совет закажана за в среда, 17 јануари.
„Прво за што се изјаснува Советот е за запирање на постапката, за што се потребни најмалку седум гласа. Доколку нема мнозинство, се пристапува кон констатирање дека е сторена повреда и кон изрекување на една од утврдените законски дисциплински мерки, почнувајќи од најтешката кон најлесната, што значи првата е разрешување, па парична казна имајќи предвид висината и времетраењето, па јавен укор и на крај опомена“, рече Дамева.
Прашана за тоа дали има информации за расположението на нејзините колеги во Советот и дали ќе има мнозинство за разрешување на Беса Адеми (најмалку осум гласа), таа вели дека ниту за овој случај, ниту за кој било друг, таа не би можела да претпостави кој како би гласал, но се надева дека нејзините колеги ќе ја земат предвид целокупната фактичка состојба и врз основа на доказите ќе донесат правилна одлука.
За себе вели дека знае како ќе се произнесе, но не сакаше да открие јавно.