Откако ВМРО-ДПМНЕ минатата седмица разреши над 15 потсекретари, денеска раководството на партијата и разрешениот организационен партиски секретар, Стево Насковски ги спротивставија своите ставови. Според генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, станува збор за нормална појава и вреднување на трудот, а не за замолчување на различните политички мислења.
Но, сега веќе разрешениот организационен секретар Стево Насковски во изјава за „Фокус“ вели дека на Јанушев му пречат сите кои имаат различен став од неговиот.
-Го видов и го чув конечно образложението на почитуваниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ во вестите во Канал 5 и би го запрашал, за каков мерит систем зборуваш г-дине Јанушев, кога ти пречат сите со различен став од твојот? Кој има интерес да промовира раздор и да ја лаже јавноста? Нашиот народ треба да биде чесно информиран. Доволно е, и двајцата знаеме која е вистината. Потребно е да поработите на личниот демократски капацитет, да го чуете и мислењето на другиот, на вмровецот. Те молам брате немој со исти куршуми, со исти флоскули какви што употребуваше ех-раководството. Воедно, внатрешната организациска поставеност на партијата, организациските и партиските стратегии не се за на телевизија. Ваквите работи се дискутираат со сопартијците, особено кога ќе побараат одговор, дури па и со тие кои имаат различно мислење. Не плаши се од различното мислење, тоа е богатство, тоа ќе не носи напред и како партија, а и државата секако, вели Насковски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се враќа на старите непопуларни патеки на немање демократија и самобендисаност.
-Умешност на менаџментот како дисциплина е да ги акумулираш сите различни и спротиставени мислења без да дозволиш настанување конфликт и истите да се канализираат за добробит на партијата и државата. Убавината е во различноста. Зошто се забранети внатрепартиските дебати за ЕУ и НАТО, дебатите за нашите национални интереси, за тоа која ќе биде нашата заложба како партија итн. За жал, не сакав да поверувам, но се поочигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ продолжи да се враќа на старите непопуларни патеки за немање демократичност, неконструктивност, извртување на работите и самобендисаност, притоа занемарувајќи ги вредностите на ВМРО и интерсите на Македонија. Статутот на партијата како највисок акт на партијата точно ја определува Евро-атланската ориентација на ВМРО ДПМНЕ која е единствено прифатлива за мене, сакале Вие да го прифатите тоа или не, му порача Насковски на Јанушев.
К.С.