Разрешениот кардиохирург Јовев за „Фокус“: Меџити ме разреши бидејќи го избрав датумот кој го предложи Ковачевски за настан

by Fokus

Актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити пред два-три саати го разрешил од функцијата раководителот на Кардохирургија, професор др. Сашко Јовев, кардиохирургот кој го предводеше тимот кој ја направи првата трансплантација на срце, дознава „Фокус“.

Според нашите информации, доктор Јовев добил образложение дека се разрешува бидејќи не го послушал актуелниот министер во однос на дежурствата, поточно дека не требало да дежура, иако на тој начин им помага на помладите колеги.

„Фокус“ го побара кардиохирургот Јовев, кој како и секогаш отворено ги раскажа причините за неговото разрешување.

„Пред една недела отворавме хибридна сала и слободно можам да кажам дека е единствена ваква во регионот. Меѓутоа, на самиот настан требаше да присуствуваат премиерот Димитар Ковачаевски и министерот Меџити.

 

Двајцата кажаа различни термини на кои им одговара денот кога да се официјално пушти во употреба хибридната сала, но премиерот инсистираше на одреден датум со оглед на бројните активности што ги има. Се одлучивме за таа дата и тука се налути министерот, кој не се појави на самиот настан“, тврди доктор Јовев за „Фокус“.

Според него, тоа е една од причините, за што се уште нема никаков официјален допис од ресорното министерство.

Единствено може да се слушне изјавата на Меџити дека го нарекува раководителот на кардиохирургија неработник.

„Веќе нема да има директори кои седат и спијат по пет години, 10 години, немаат никаков резултат. Затоа здравството ни е во ваква амортизирана состојба.

 

Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во сѐ другото, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток, ќе видите понатаму со мене како министер нема некој да седи шест месеци и да нема извештај за сработеното“, рече Меџити.

Доктор Јовев долги години управува со кардохирургија и  еден од наградуваните лекари.

Тој лани беше меѓу добитниците на државната награда „Св. Климент Охридски“, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес во држвата.

Преходно ја доби наградата  за животно дело „Гемиџиите“ на Општина Велес, а беше и дел од тмиот наградени со „13 Ноември“ на Град Скопје.

Првата трансплантација на срце беше изведена на 23 мај 2020, оттогаш има изведено вкупно осум пресадувања на срце.

Ирена Мулачка

Поврзани новости