Актуелни судијки, поранешни разрешени судијки, поранешен обвинител, адвокати се кандидати за членови на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе одржи седница на која треба да бидат спроведени интервјуа на пријавените кандидати за претседател и членови.
На конкурсот се пријавиле вкупно 57 кандидати, а за 15 од нив било утврдено дека не ги исполнуваат усовите, односно немаат соодветно образование, немаат доволно искуство или пак не доставиле комплетна документација. Од одбиените нема некои звучни имиња, но на другата листа има.
Па така таму е судијката од Кривичниот суд, Славица Андреевска, новинарот и поранешниот член на Комисијата за лустрација, Даут Даути, адвокатката Сузана Јошевска-Атанасовска.
На списокот е пензионираниот обвинител, Бодан Лазаревски, како и судијката од Граѓанскиот суд, Софија Спасовски Медарски која не доби унапредување во Апелацискиот суд.
Судијката Татјана Михајлова која беше меѓу првите судијки што ги разреши Судскиот совет за нестручно работење и злоупотреба на АКМИС – системот. Друга разрешена судијка е Маја Малахова, која била Претседател на Државна комисија за жалби по јавни набавки, а се канидирала и за минатиот состав на ДКСК.
Михајлова ја извршуваше функцијата в.д. претседател на кривичниот суд, откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски му истече мандатот.
Освен од правосудството, кандидати има и од Министерството за внатрешни работи, па на списокот е помошник на директорот на Одделот за криминалистичка полиција – Оливер Лукароски.
Комисијата за селекција на кандидати за претседател и за членови на ДКСК е составена од седум членови, а беше формирана на 14 месецов согласно Одлуката на Собранието објавување јавен оглас за избор на претседател и членови на ДКСК.
Членови на Комисијата за селекција се Јован Андоновски, заменик народен правобранител номиниран од Народниот правобранител, Снежана Камилоска Трпкоска претставник на Македонски центар за меѓународна соработка Скопје, член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор од областа на демократијата и владеењето на правото, Никола Додов претставник на Здружението за поттикнување и промоција на информатиката Асоцијација на студенти информатичари Скопје, член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа медиуми и информатичко општество и пратениците од власта Фаница Николовска и Берат Ајдари и од опозицијата Ели Панова и Кастриот Реџепи.
Според законот, Комисијата за селекција ја формира листата на кандидати и по пет дена започнуваат интервјуата. На интервјуата присуствуваат претставници на повеќе институции, како и невладини организации и можат да поставуваат прашања на идните антикорупционери, а се ова се пренесува на Собранискиот канал.
Мандатот на актуелните членови на Комисијата, Билјана Ивановска, Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемси Салаи истекува на 7 февруари следната година и тие немаат право на повторен избор. Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари 2024 година.
За претседател на ДКСК може да се избере лице кое е државјанин на Северна Македонија и кое живее во земјата, да е деловно способна личност, да има високо образование од областа на правните науки или од областа на политичките, комуниколошките или економските науки.
Покрај високото образование, се бара и најмалку десетгодишно работно искуство по завршувањето на образованието. Притоа осум години од работното искуство да биде во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото или доброто управување.
Кандидатите за членови треба да имаат шест години активност во областите поврзани со откривање корупција. И претседателот и членовите на ДКСК не треба да биле членови на Собрание, ниту во Влада, ниту пак донатори или функционери во политичка партија.
Фросина Факова-Серафиновиќ