Судскиот совет денеска ја разреши судијката Татјана Михајлова, поради нестручно работење и злоупотреба на АКМИС системот.
Од Судскиот совет официјално не го открија името на судијката, но појаснуваат дека постапката за разрешување се водела околу година и пол.
Инаку, Михајлова ја извршуваше функцијата в.д. претседател на кривичниот суд, откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски му истече мандатот.
Таа беше и судечкиот судија во случајот на СЈО, “Насилството во Центар”. Михајлова често пати влегуваше во жестока расправа со обвинителите од СЈО, а на едно од рочиштата ги казни Катица Јанева и Фатиме Фетаи со по 2.000 евра за „непочитување на судот”.
Подоцна предметот и беше земен, бидејќи од 1 јануари 2018 година, од Одделението за организиран криминал беше прераспоредена во Одделението за прекршоци.