Разрешен спорниот судски поротник – паѓаат и „Титаник“, „Тендери“, „Талир“, „Топлик“?

by fokus

Членовите на Судскиот совет на денешната седница го разрешиле судскиот поротник Митко Сандев за кого ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека работел, иако ги исполнувал условите за пензија и бил член на политичка партијата на пензионерите која е во коалиција со СДСМ.

Од Судскиот совет неофицијално за Фокус потврдуваат дека Сандев е разрешен. Со оваа одлука остануваат да висат најмалку четири предмети на поранешното Специјално јавно обвинителство, „Титаник“ за изборните манипулации на ВМРО-ДПМНЕ, „Талир“ за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, „Топлик“ за изградбата на Сончев град и „Тендери“ за изградбата на Музејот на ВМРО. Со разрешувањето на Сандев овие судења треба да почнат од почеток бидејќи се менува член на судечкиот совет за овие предмети.

Од Кривичниот суд официјално велат дека не се известени за оваа одлука и најавуваат брифинг со претседателот на судот. -Во однос на одлуката на советот за судијата – поротник, Кривичниот суд сеуште нема добиено известие, но во однос на овие прашања како и идната организациска поставеност во однос на постапувањето во конкретните предмети, судот ги повикува сите заинтересирани претставници на брифинг со Претседателот на судот, велат од Судот.

Новиот старт би нанел најмала штета на „Талир“, кој активно се суди околу година дена, но таа би била ненадомеслива за останатите предмети кои се судат над три години. Случајот „Титаник“ буквално би потонал, бидејќи одново би требало да се сослушуваат околу 200 сведоци и да се изведе доказен материјал на илјадници страници, а во моментот е пред самата завршница, односно пресудата е можно да се изрече за два-три месеци. Случајот „Тендери“ вчера пак се одложи иако конечно стигна до завршни зборови, а во овој случај и се суди на поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

На претходната седница на Судски совет разрешен беше судијата Горан Бошевеки и со тоа беа „загрозени“ предметите „Траекторија“, „Талир 2“ и случајот „Шпански скали“. Од судот соопштуваат дека е во тек распределба на предметите по кои досега постапувал судијата.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости