Градоначалникот на Нови Пазар, Хихат Бишевац, го разрешил од должност својот досегашен помошник Емир Ашчериќ, кој на таа функција беше поставен како кадар на Партијата за демократска акција (СДА).
Ашчериќ на Фејсбук објавил дека посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ во Нови Пазар,при која однел 13 респиратори за градската болница, претставува „злоупотреба и брутална политичка кампања, јавува телевизијата Н1.
Поради ова, градоначалникот го разрешил помошникот. Во соопштението Бишевац навел дека секој има право во свое и во име на политичката партија да каже што сака и кога сака, но дека е непримерно тоа да се прави од позицијата на помошник-градоначалник и на тој начин да внесува забуни во јавноста.
За разлика од разрешениот функционер, Бишевац оценил дека посетата на Вучиќ „значи многу за Нови Пазар во овие тешки моменти“ и додал дека оние што не сакаат да го сфатат тоа „сигурно не се добронамерни и само сакаат оваа многу значајна и добра акција да ја омаловажат и да ја искористат за ситни политички поени“.