Министерството за внатрешни работи го разреши Наим Рамука, началник на Регионалниот центар за гранични работи Север кого опозицијата го обвинуваше дека го пренел преку граница припадникот на ОВК, Блерим Рамадани кој избега на Косово од куќен притвор и дека без проверка ја пуштил свадбената поворка во која учествуваше собранискиот спикер Африм Гаши.
Информацијата за неговото разрешување ни ја потврдија од МВР, а според нашите информации на негово место е именувана Маја Темелкова Сотирова.
Името на Наим Рамука беше често споменувано на прес конференциите на СДСМ. Според опозициската партија тој со возило рено го земал Блерим Рамадани од живеалиштето каде бил во куќен притвор.
-Оттаму се упатиле кон границата со Косово кај Блаце и во 18 часот и 40 минути по лентата за товарен сообраќај ја поминале границата без никаква контрола, тврдеше опозицијата. Според нив, тој бил истиот началник кој ги пропуштил Гаши и сватовите да поминат без контрола на истата граница.
Премиерот Христијан Мицкоски тврдеше дека ова се ноторни лаги.
-Јас го охрабрувам Јавното обвинителство бидејќи го повикаа веднаш да влезе уште денеска. А јас ви тврдам дека тоа што го изнесе тој е ноторна лага. А потоа откако ќе констатира Јавното обвинителство на чело со јавниот обвинител кој што е избран од мнозинството на СДСМ и ДУИ го охрабрувам раководството на Министерството за внатрешни работи оваа работа да ја изведе преку судски пат, преку тужба за клевета и нарушување на угледот и честа во јавноста, рече Мицкоски.
За свадбената поворка на Гаши беа казнети шест полициски службеници од граничниот премин Блаце. Од МВР засега не соопштуваат официјално зошто е разрешен Рамука.
Ф.Ф.С.