Музичарите кои биле во контакт со пејачот Спасен Силјаноски, кој е позитивен на Ковид-19, се во изолација.
Веста ја потврдија за ,,Фокус”, со цел да ја информираат јавноста дека ги превзеле сите мерки за заштита по немилиот настан, кога во неделата без да им каже дека поради симптоми се тестирал за корона вирус и очекува резултати, Силјаноски непоканет им дошол во студио, среде снимање.
-Не смееме да оставиме простор за шпекулации, ова е чувствителна тема. Нашиот концерт со Стојне Николова се емитуваше во живо, има над 100.000 гледаност. Публиката можеше да слушне како го поздравуваме Спасен кој ненајавен дојде во салата, нема што тука да се крие – појаснува музичарот Игор Бежаноски во свое и во име на колегите кои биле присутни на настанот.
Вели дека сега сите, заедно со екипата на сниматели се изолирани, засега без никакви симптоми.
-Кога Спасен објави дека е позитивен на Ковид-19 во средата, нормално дека се вознемиривме. Но, тој ни кажа дека се тестирал во понеделникот, ден по настанот, што малку не смири. Потоа, ЦЈЗ Битола го демантираше неговото тврдење, и се испостави дека тој всушност се тестирал на 19-ти, два дена пред средбата со нас, а наместо според законските прописи да седи во изолација додека чека резултати, тој не изложи сите нас на ризик. Нормално е дека сме многу разочарани од него.
Покрај нас, колегите, на ризик ги стави и нашите блиски, деца, возрасни членови на нашите семејства. Веднаш штом беше објавена изјавата од центарот, ние ги превзедовме сите мерки, веднаш се изолиравме, целата екипа која беше присутна вечерта е во домашна изолација- раскажува Бежаноски. Додава дека свеста и одговорноста мора да биде на прво место во случајов, бидејќи нема игра со вирусот кој многумина го платија со живот. -На сите кои се борат со Ковид-19 им посакуваме добро здравје.
Ова нека биде пример дека луѓето мора да бидат свесни и одговорни, не само поради себе, туку и поради заедницата. Сите ние кои бевме во студиото остануваме во изолација наредните две недели, според здравствените препораки, во добра состојба сме, без симптоми, се надеваме дека сме имале среќа и не сме инфицирани.
-Постапката на Спасен кој дојде самоиницијативно, без некој да го покани, беше нефер кон сите нас, но сепак ние му посакуваме добро здравје, но и повеќе памет и одговорност во иднина – вели Игор. Тој се заблагодари на публиката која во огромен број го следеше нивниот концерт кој се емитуваше во живо, и порача дека целта била да ги расположат луѓето во ова време, кога целиот свет живее во една нова реалност поради пандемијата.
-Музичарите и сите јавни личности мора со личен пример на одговорност и солидарност да му покажат на светот дека секој од нас има одговорност, првин кон себе и своите блиски, а потоа и кон целото општество. Во оваа битка со вирусот не смее да има криење, лажење, несериозно однесување и загрозување на туѓото здравје и живот. Никој нема такво право. Затоа, јавно решивме да излеземе со свој став и да ја информираме јавноста дека ги превзедовме сите мерки на заштита. Да се надеваме дека сето ова ќе заврши добро – изјави Бежаноски.
Вики Клинчарова