Фантастичната мода која традиционално се промовира на Венецискиот филмски фестивал ги полни страниците на светските медиуми.
Завчера се случи отворањето на 79-то издание на престижниот настан, и на црвениот тепих продефилираа голем број на светски ѕвезди.
Освен што ги промовираат своите филмови, сите тие истовремено ги промовираат и стилските креации, па поради тоа фестивалот е еден од омилените настани на љубителите на модата.
Оскаровката Џулијан Мур, Кејт Бланшет, Кетрин Денев, Грета Гервиг, супермоделот Алесандра Амброзио, голем број на јавни личности помеѓу кои и поранешната прва дама на САД, Хилари Клинтон, веќе се појавија на настанот и го привлекоа вниманието на јавноста, но и на модните критичари.
Модели на Жан Пол Готје, Валентино, Ели Сааб, Гучи, Армани, Кристијан Диор и многу други врвни дизајнери заблескаа на тепихот, промовирани од годинашните гости. Стиловите беа разиграни, од елегантни модели, до ексцентричност, наметки, кафтани, мини и миди фустани, а најмногу доминираше црната боја.
Модната порака беше дека во модата всушност нема правила и шареноликоста во стиловите го прави настанот уште поинтересен за гледачите.
Светска премиера на фестивалот денес во 14.15 часот ќе има филмот на Теона Стругар Митевска, ,,Најсреќниот човек на светот”.
Нејзината сестра Лабина Митевска е носечка продуцентка на филмот преку нивната компанија „Сестри и брат Митевски“. Од неофицијални информации до кои дојде ,,Фокус”, во Венеција се наоѓаат сестрите и братот Митевски, додека актерската екипа од филмот поради оправдани причини не заминала на премиерата. Станува збор за поголем број на актери од Босна, а главните улоги ги играаат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ.
Од Македонија пак, се играат Ана Костовска, Николина Кујача и Лабина Митевска.
Во чии креации ќе се појават Митевски на настанот нема информација, но во минатото Лабина Митевска на светски филмски фестивали се појавуваше во креации на домашни дизјанери. На Кански Фестивал пред пет години, се појави во фустан од Елена Лука, на ,,Браќа Манаки” во Битола се има појавено во фустан на дизјанерката Александра Митковска.
Во постари интервјуа има изјавено дека најчесто носи црна боја и сака да и биде удобно, а на големите настани средувањето служи првенствено за да се оддаде почит.
На фестивалот годинава за престижниот ,,Златен лав” се натпреваруваат 23 филмови. ,,Најсреќниот човек на светот” ќе има премиера, но нема да се бори за главната награда Златен лав, туку ќе учествува во паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти со вкупно 18 филмови. Венециска Мостра се одржува од 31-ви август до 10-ти септември.
Вики Клинчарова