Министерот Ханс ван ден Брук сугерираше да се размисли за името „Република Нова Македонија“ што му изгледа како добар компромис за двете страни. Република Грција би го користела старото име Македонија, а Република Нова Македонија би се легитимирала како нова држава што произлегла од Југославија.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Мултилатералните средби беа како „измислени“ за Македонија. Имено, таму на едно место се собираа министри за надворешни работи на многу земји, па со добра физичка и умствена кондиција можеа да се остварат бројни контакти. За сиромашна држава како нашата, без дипломатска мрежа надвор и странски амбасадори акредитирани во Скопје, мултилатералните конференции беа правото место да се каже „вистината за Македонија“.
Значи, нашата малубројна делегација пристигна во главниот град на Финска, Хелсинки, свесни дека на состанокот одржан неколку дена порано, Советот на министрите на КЕБС не го прифати нашето барање за членство во организацијата. Одлуката гласеше: Хрватска, Словенија и Грузија – напред. Македонија и Босна и Херцеговина – стој. Но, не само што не беше постигната согласност за полноправно членство, туку беше одбиено и барањето за статус посматрач. Причина? Отсуство на консензус.
НЕ ГУБЕВМЕ НАДЕЖ
Нашата делегација, во која беа Сашо Тавчиовски, Јон Ивановски и Љупчо Наумовски, доби статус на „дневен посетител“, без можност да присуствува на пленарните сесии и со прилично отежнати услови за контакти со другите министри. Во подготвителниот период, моите соработници упатија писмени предлози за средби до 29 земји, а одговор добивме само од две – Албанија и Светата столица.
Меѓутоа, не губевме надеж, па на крајот, сепак, постигнавме одреден резултат. Се сретнавме со шефовите на делегациите на Португалија како претседавач со ЕЗ, на САД, Бугарија, Унгарија, Романија, Светата столица, Шведска, Албанија, Турција, Холандија и Австрија. Го посетив и Министерството за надворешни работи на Финска, каде што зборував со министерот за надворешни работи, д-р Паво Веириенен. Беа остварени и неколку неофицијални разговори со Словенија и со Луксембург…
КЕБС се наоѓаше во една чувствителна фаза на својата трансформација. Имено, тоа што дотогаш беше процес на колективна европска соработка требаше да прерасне во организација со институции, како Самит, Совет на министри или Комитет за високи функционери.
Се воспоставија и административни седишта во неколку градови на Европа: Секретаријат на КЕБС во Прага, Центар за спречување судири во Виена, Биро за демократски институции и човекови права во Варшава… На состанокот на Комитетот на високите функционери биле разгледани барањата за прием на нови држави.
Претставникот на Португалија истапил со предлог за прием на Словенија и Хрватска. На тоа реагирал претставникот на САД, кој укажал дека, покрај словенечката и хрватската, има уште две пријави – на Македонија и на Босна и Херцеговина, кои треба да имаат рамноправен третман. Американскиот предлог добива поддршка од Австрија, Бугарија, Унгарија, Турција…
А, сепак, кога станува јасно дека нема согласност од сите држави, претставникот на САД го менува својот став и инсистира на фактот дека „за Република Македонија и за Босна и Херцеговина не е постигнат консензус и предлага прием на Словенија и Хрватска“. Почнува дебата, на која и претставникот на Чехословачка констатира дека нема консензус. Учев практични лекции од областа на меѓународната политика: волшебниот збор е „консензус“.
ДНЕВНИ ПОСЕТИТЕЛИ
Не бевме примени, не добивме статус на посматрач, но затоа имавме статус за кој првпат слушнав – „дневни посетители“. Тоа значеше секој ден да бараме дозвола во конференциските ходници за да се сретнеме со тие што сакаа да нѐ видат. И гледај чудо – таквите не беа малку. Амбасадорот на Југославија во Финска, кој беше од Македонија, не знаеше „на кое царство да му се приклони“, зашто официјално тој беше акредитиран од Југославија, која, пак, имаше своја делегација на конференцијата.
Значи, официјално, тој беше во состав на југословенската делегација. Сочувствував со незгодната положба во која се наоѓаа поединци, кои беа претставници на федералната власт во распаѓање, било да беа амбасадори или дури и членови на делегацијата на Југославија предводена од Будимир Лончар, на Конференцијата за Југославија, на пример. Имиња намерно не спомнувам, оти ако јас до денешен ден ја носам етикетата за пројугословенство, што ли би им се случило ним?
Но, признавам дека сум љубопитен да ја слушнам нивната „одисеја“ за која досега никој ни збор не прозборел. Сочувствував со нив, но најчесто без збор комуникација, дури и со погледи што не се допираа. Си ја терав својата работа како министер за надворешни работи на Македонија како што тие си ја тераа својата работа како претставници на федерацијата.
Смее ли некој од нив да објасни, триесет години подоцна, која била нивната работа и што се случувало во нивната душа? Не. Стравот дека ќе бидат осудени од бранот на македонскиот национализам е во основата на таквото поведение. Сакам да верувам дека, покрај кариеристите, и многу доблесни луѓе беа фатени во таа стапица, последица, не на нивната волја, туку на еден постепен процес на дезинтеграција на федерацијата.
Читателот ќе забележи дека пишувам за настани од самиот почеток на 1992, кога сѐ уште постоеја федералните структури, но се раѓаа и новите независни држави. Крвавата дисолуција на Југославија, предизвикана од назабените национализми, продолжуваше и ќе доживее своја кулминација неколку години подоцна, во 1995 година со геноцидот во Сребреница.
ПОМОШТА ОД ГАНЕВ
На средбата во финското Министерство за надворешни работи, на министерот Веиреинен му ја објаснив политиката на Македонија и ситуацијата со меѓународното признавање на државата.
Тој нѐ охрабри да продолжиме со досегашната политика, а околу нашиот прием објасни дека КЕБС ѝ го доверил мандатот за решавање на југословенската криза на ЕЗ. Тоа ќе беше во ред, помислив, кога ЕЗ не би ја следела политиката на Грција. Имено, иако изрази подготвеност за развивање на билатералните односи меѓу нашите две држави, министерот дискретно ме потсети дека Финска штотуку ги почнала преговорите за полноправно членство во ЕЗ…
На средбата со министерот за надворешни работи на Португалија, Жоао де Деус Пињеиро, новиот претседавач со ЕЗ ме информира дека има намера да закаже состанок меѓу претставниците на Република Македонија и на Грција, во функција на подготовките на извештајот за Советот на министри на 6 април во Луксембург.
Го спомна Рим како можно место на состанокот до кој никогаш не дојде. Рече дека сѐ уште нема дефинитивен став околу проблемот со признавањето на Македонија, но подвлече дека пред ЕЗ ќе истапи со предлог.
Тоа, како што видов подоцна, исто така, никогаш не се случи. Очигледно, алудирајќи на проблемот со името, ми вели дека „за ирационални ставови е залудно да се бараат рационални решенија“. Додава дека „како политичари, должни сме да гледаме подалеку“, во смисла дека иднината на Македонија, нејзиниот просперитет и благосостојба е во европските интеграции.
Ми го илустрираше тоа со односите меѓу Португалија и Шпанија, кои со векови биле во конфликт, кој денес е целосно надминат. Спомнува и примери на земји што го смениле името, Буркина Фасо, Мијанмар. Заклучува дека од голема важност е нормализација на односите меѓу Македонија и Грција.
Стојан Ганев, министерот за надворешни работи на Бугарија, е за прием на сите четири републики во КЕБС. Рече дека на состанокот на Комитетот на високи функционери бил изложен на притисок од страна на Германија, со пораката: ,,Можете да имате проблеми во претстојните преговори за асоцијација со ЕЗ доколку… и натаму инсистирате на прием на сите четири републики, како и на тоа експлицитно да се наведат земјите што се против приемот на Македонија и на БиХ“.
Зборувајќи за дипломатски односи меѓу Македонија и Бугарија, Ганев ме информира дека до одлагање дошло поради претстојните преговори на Бугарија за асоцијација со ЕЗ. Следеа разговори за економска и културна соработка меѓу двете држави, а како иден претседател на генералното собрание на ОН, Ганев се понуди да помогне во процесот на зачленување на Македонија во ОН. Тој процес, како што знаеме, сепак остана во исклучива надлежност на големите сили.
СИМПАТИИ ОД УНГАРИЈА
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Геза Јесенски ми ја изрази својата поддршка и своите симпатии за ставовите на Република Македонија, со уверување дека на 6 април државата ќе биде признаена од ЕЗ.
Изворот на тој оптимизам дека токму на тој датум, кој го спомна и Ганев и неколку други соговорници, ми остана непознат. Јесенски, симпатичен колега професор, во една ситуација ме префрли со унгарскиот државен авион од Будимпешта до некаков состанок на кој бевме повикани двајцата.
На мојата љубопитност зошто авионот толку крцка, ми одговори со смеа: „тупољев“. Запознаен од претходни средби со тоа што го правиме, ми вели: ,,Македонија чекори по прав пат и обврска на ЕЗ е да го цени и да го признае тоа“. Но, не пропушта да ја образложи потребата од дијалог со Грција заради надминување на билатералните проблеми, како предуслов за нормализирање на состојбата.
Разговорот со Адриен Настасе, министерот за надворешни работи на Романија, ме потсети дека тој беше еден од првите министри што ја посети Македонија по прогласувањето на независноста. Тоа беше случајна посета поради дефект на неговиот авион, па мораше со автомобил да помине низ Скопје.
Тогаш, додека јас му објаснував за нашите маки со опасностите од војни, тој ме праша за, како што рече, романското малцинство во Македонија. Наместо да му објаснувам, му организирав средба со претставниците на Власите. На средбата во Хелсинки, Настасе беше сосема отворен во однос на признавањето на Македонија. Романија ја следи позицијата на ЕЗ, и од тие причини одбегнува конфронтација со Грција. Дообјаснува дека ја чека поддршката на Грција за членство во ЕЗ. Препорача дијалог.
Во кусата средба со министерката на Кралството Шведска, Маргарета Углас, ја запознав со нашите проблеми околу признавањето, а таа ми сугерираше дијалог со Грција, изразувајќи посебна загриженост за националистичкиот набој кај нашиот јужен сосед.
АЛБАНИЈА НЕМА ПРЕТЕНЗИИ КОН МАКЕДОНИЈА
Префрлајќи го разговорот на меѓуетничките односи во Македонија, албанскиот министер за надворешни работи, Илир Бочка ми рече дека со посебен интерес ја следи ситуацијата во нашата земја. Тој оцени дека има голем јаз меѓу двете етнички заедници предизвикан од недоволната застапеност на албанското население во редовите на полицијата и на Армијата, што може да доведе до продлабочување на недовербата.
Меѓутоа, вели дека, од средбите со претставници на албанските партии во Македонија, добил впечаток дека се прават напори за надминување на јазот. Што се однесува до грчката политика, Бочка изрази несогласување со начинот на кој таа пристапува кон решавање на спорните прашања.
Во билатералните односи, пак, смета дека не е во интерес на Албанија да се подриваат демократските процеси и дека Албанија нема територијални претензии кон Македонија и ги почитува границите. Тоа, вели, не би било во интерес на албанското население во Македонија.
Напомена дека „во нова Македонија, на Албанците не треба да им се случува тоа што им се случуваше во Југославија“. Во разговорот констатиравме дека и на двете страни постојат екстремни ставови, но дека доминира желбата за дијалог. На моето очекување Албанија да ја признае Македонија, изрази подготвеност за продолжување на разговорите.
Со министерот Ханс ван ден Брук се запознав уште во првите месеци на нашата независност. Тогаш, отворено застанувајќи на наша страна во спорот за името, го предизвика гневот на грчките политичари и на грчката јавност, проследен со закани дека ќе се бојкотираат холандските производи.
По ова искуство, со внимание ми објаснуваше како компромисот не е лоша работа. „Ние, Холанѓаните, нација на производители и трговци со сирење, би нашле начин да се испазариме“, ми вели. Но, ситуацијата меѓу балканските соседи беше сериозна. Ван ден Брук не бегаше од жешката тема. Ми сугерира да склучиме билатерална спогодба со Грција, со која таа би добила дополнителни гаранции за нашите намери во иднина.
РЕПУБЛИКА НОВА МАКЕДОНИЈА
Констатира дека проблемот на името на Република Македонија е национално прашање број еден во Грција, па оттаму и потребата од компромис, кој би ѝ овозможил на грчката влада чесен излез од ситуацијата. Ме уверуваше дека е вонредно важно ние да сме активни во предлагањето компромисни решенија, зашто негативните реакции на Грција би предизвикале позитивни реакции меѓу членките на ЕЗ кон нас.
Сугерира да се размисли за името „Република Нова Македонија“, што му изгледа како добар компромис за двете страни. Република Грција би го користела старото име Македонија, а Република Нова Македонија би се легитимирала како нова држава што произлегла од Југославија.
Ме упати на комуникација со Бон, по можност на највисоко ниво, Кол и Геншер, за да ги запознаам со последиците од евентуалното непризнавање на Република Македонија. Какви се плановите на ЕЗ? Вели дека ќе одат со предлог за признавање на Македонија и БиХ, ама неизвесно е дали нашата земја може да смета на сите гласови.
Функционерот задолжен за надворешни работи на Ватикан, Жан Луис Тауран изрази симпатии и поддршка за Република Македонија. Се интересираше за економската моќ на државата, како самостоен економски субјект, за меѓународното опкружување на Македонија, како и за решавање на грчко-македонскиот спор.
Како и во секоја друга пригода, со набрекнати жили на главата, мирно и разложно, објаснував најдобро што знаев, најдобро…Тој, пак, црковно лице, ми изрази жалење што може да ни помогне само со силата на убедувањето, но не и на друг начин.
Како и секогаш, кај Турците имавме отворени врати. Министерот за надворешни работи на Турција, Хикмет Четин изрази полна подршка и подготвеност за соработка и брзо воспоставување дипломатски односи со Македонија. Потполно застанувајќи зад нашата позиција, ја осуди Грција, која не ја уважува новата реалност на Балканот, што може да ја загрози стабилноста.
Министерот за надворешни работи на Австрија, Алојз Мок ми ги пренесе своите впечатоци од разговорите со земјите-членки на ЕЗ. Вели дека поголемиот дел од нив не се согласуваат со поведението на Грција, но дека, заради единството на Заедницата, мора да ги уважуваат нејзините ставови.
Вели дека е запознат со сите елементи на грчкото гледање на спорот и дека дошол до заклучок дека „името“ е најтешкиот проблем. Се согласи со мојата констатација дека одлагањето со признавањето ја усложнува ситуацијата во Република Македонија, дека ќе зборува со Пињеиро и дека ќе ме извести за разговорите.
(Продолжува)