Разговори со учениците, забрана за мобилни на час, дел од мерките за безбедност во училиштата

by Fokus

Владата усови сет препораки кои ќе бидат доставени до училиштата и со кои треба да се подигне безбедноста на учениците, но и да се работи на превенирање на меѓуврсничкото насилство.

Стручни тимови заедно со центрите за социјална работа, општински совети кои ќе работат заедно со средношколците, работни услови за стручните тимови во училиштата, забрана за користење на мобилни телефони на часови се само дел од пакетот препораки кои стапуваат на сила веднаш.

„ Препораките се донесени по широк процес на консултации со академската фела и јавност и добиените сугестии и мислења“, кажа Јетон Шаќири, министер за образование.

Општините во соработка со меѓуопштинските центри за социјални работи треба да формираат стручни тимови на ниво на општините во чиј фокус на работа ќе бидат разговори, поединечно со секое дете, односно ученик во секое училиште. Државниот совет за превенција на детско претстапништво треба да достави информации за работа и колку општински совети за превенција се опфатени.

Сите основни и средни училишта да одржат состаноци со сите родители за подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во училишта. Со препораката на Владата се задолжуваат е директорите на основните и на средните училишта, да организираат состаноци на училишните одбри и на советите на родители, како и родителски средби.

„На овие состаноци родителите да се потсетат на законските обврски кои произлегуваат од Законот за семејство и Кривичниот закон во делот на одговорноста при извршување на родителското право. Училиштата е потребно да ги известат МОН за присутноста од страна на родителите на овие состаноци, на овие состаноци секој пеодинец треба да се запознае со веќе усвоените десет препораки“, рече Шаќири.

Директорите на сите  училишта ќе да направат  протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите во просториите на училиштата.

„Укинување на употреба на мобилните за време на часовите ќе поттикне повеќе дискусија, и размена на идеи“, потенцираше министерот Шаќири.

Општините и  Град Скопје во координација со училиштата треба во кризни ситуации училиштето да остане безбедно место во кое што тие ќе најдат разбирање, одговори и поддршка, да ги унапредат своите социо-емоционални компетенции и да ја зајакнат психолошката отпорност.

Според препораките од Владата потребна е подготовка и на стручните соработници и целиот  наставен кадар на сите нивоа во училиштето, за да може да се обезбеди адекватна поддршка на учениците и нивните родители.

„Приоритетна цел на разговорите во училиште треба да биде смирување на несигурноста и чувството на безбедност во училиштето и нивно адресирање на афирмативен начин“,  стои во препораките од владата до училиштата.

Директорите на училиштата да обезбедат континуирано непречени услови, стручните соработници да се фокусираат на училишната клима, грижата за менталното здравје и добросостојбата на учениците.

“Општините/Град Скопје да ги задолжат директорите на училиштата да обезбедат просторни услови за стручните соработници. Целта е целосна отвореност кон учениците и доколку имаат потреба, закажување средба со својот училиштен психолог“, препорача Владата.

Министерството за образование и наука заедно со Бирото за развој на  образованието да изготват листа на ресурси за коишто ќе се дискутира на одделенски/класен час, меѓу класните раководители и учениците за унапредување на добросостојбата на учениците.

„Им укажуваме и преппорачуваме на општините и на Град Скопје во рамки на новата Годишна програма за работа на училиштата, да се развијат и дополнително да се зајакнат превентивни програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, соработка со родителите односно старателите и други активности, согласно приоритетите на училиштето за негување безбедна клима за учење и развивање“, соопшти Владата.

Владата донесе заклучок Министерството за образование и наука да формира работна група, составена од стручни соработници во основните и средните училишта, претставници на Сојузот на средношколци, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, која ќе подготви протокол за советодавна работа, при обезбедување поддршка за психосоцијално и ментално здравје на учениците во основните и средни училишта.

 

Поврзани новости