Разговор Неделков-Шаќири: Владата не дава ни процент повеќе, СОНК не отстапува

by fokus

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков потврди дека денеска разговарал телефонски со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, но немало конкретен договор што би довело до прекин на штрајкот во училиштата и градинките и нов процент на покачување на платите од веќе понудените 10 отсто.

-За жал не. Разговорот беше во правец на попуштање на тврдото „не“ и во правец да се изнајде уште некој процент за да може ние во членството да побараме штрајкот да се стави во мирување или да се прекине. Министерот вели: Толку е и не може ни процент понатаму да се оди.

Се разбира, и другите барања кои ги имаме доставено писмено до министерството, и за нив да се расправа на Влада, а тоа е усогласување на платите согласно Колективниот договор наредните две години, да се планира буџетот за 2023 и 2024 година, потпишување колективни договори со што ќе се регулираат некои прашања. Така што, не е само ова сламка на сопнување, туку имаме и други работи, рече Неделков за МИА.

Министерот Шаќири претходно изјави дека на седница на Влада денеска ќе информира за состојбата во образованието и заклучоците ќе бидат пратени до СОНК и соопштени во јавноста. Неделков рече дека и тие очекуваат одлука од владината седница за да знаат, како што рече, и тие како да се однесуваат.

За повиците од МОН и МТСП да го прекинат штрајкот кој денеска е во седмиот ден, вели дека како претседател на синдикатот нема моќ да ги убеди членовите на СОНК да излезат од штрајкот.

-Бидејќи јас не одлучувам да се прекине штрајкот. Одлучуваат тие што штрајкуваат. Јас сум само тој што ги претставува нивните интереси, рече претседателот на СОНК.

Поврзани новости