Во Македонија оваа година досега се направени 15 трансплантации на бубрези од кои 11 се од жив и 4 од починат дарител, вели Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението на бубрежно болни граѓани Нефрон, во пресрет на 7 Октомври, Европскиот ден на органодарителство. Лани се направени 22 трансплантации на бубрези, од нив 12 се од жив и 10 од починат дарител.
„Еден дарител може да спаси 8 животи со донација на органи, а да спаси или подобри живот на повеќе од 100 лица со ткивна донација“, вели Ѓоргиев.
Според податоците на Нефрон, лани во земјите на Европската Унија (ЕУ) 36 илјади пациенти добиле орган преку трансплантација, а 41.000 нови пациенти се запишани на листите за чекање. Во 2022, во Европа во просек умирале по 20 пациенти дневно додека чекале за трансплантација .
„Разговарајте на темата со вашите семејства. Висок процент на семејства (до 40%) одбиваат да дадат согласност за донација бидејќи не ја познаваат желбата и одлуката на починатиот. Доволно е само да донесеш одлука за дарителство и јасно да ја изразиш, кога семејството ќе ја знае твојата одлука ќе може да ја исполни и твојата желба.
Сите традиционални верски заедници во Македонија го поддржуваат доброволното дарување органи и ткива, сметајќи го тоа за чин на хуманост и личен избор. За потребите на Здружението Нефрон ги контактиравме“, апелира Ѓоргиев.
Фото: СДК