Разговараа еден час за Газа: Нетанјаху му рече на Путин дека е незадоволен од анти-израелската позиција на руски претствници во ОН

by Fokus

Рускиот претседател Владимир Путин за време на телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Руската Федерација е подготвена да обезбеди секаква можна помош за да се олесни страдањето на цивилите и да се деескалира конфликтот, соопшти денеска прес-службата на Кремљ.

Се додава дека, дополнително, бил изразен взаемен интерес за продолжување на соработката за прашањата за евакуација на руските државјани и членовите на нивните семејства, како и ослободување на Израелците приведени во Газа, пренесува РИА Новости.

„Договорено е контактите да продолжат“, се наведува во пораката.

За време на денешниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, Нетанјаху го изрази своето незадоволство од „анти-израелската позиција за војната против Хамас“ искажана од претставници на Москва во ОН и на други места.

Нетанјаху, исто така, ја критикуваше соработката меѓу Русија и Иран и нагласи дека секоја друга земја што претрпе терористички напад сличен на оној што го извршија членовите на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври, ќе реагира „барем со истата сила“ како што направи Израел, пишува Тајмс оф Израел.

Нетанјаху изрази благодарност за вмешаноста на Русија што доведе до ослободување на заложникот од страна на Хамас со двојно израелско и руско државјанство.

Нетанјаху, исто така, побара од Путин да изврши притисок врз Црвениот крст да обезбеди посети на преостанатите заложници и да им обезбеди лекови.

Инаку, поради овој разговор, кој траеше речиси еден час, Нетанјаху го прекина владиниот состанок.

Поврзани новости