Адриан Бориќ, тапанарот на бендот ,,Црвена јабука” го украде шоуто во Радовиш вчера, на традиционалната општинска манифестација ,,Самун ем татлија”. Младиот музичар, кој е дел од популарниот бенд повеќе од една година, на настапот се појави само во пантолони, без маица и за време на целиот концерт, повеќе од два часа настапуваше разголен пред многубројната публика.
Иако постарите посетители дојдоа поради фронтменот и вокалист на групата, Жера, помладите гости се воодушевија од енергијата и мускулите на тапанарот. Тој собра голем број на комплименти за енергијата на сцената, но и за добриот изглед, веднаш по настапот, кога расположен се фотографираше и разговараше со фановите.
И додека Жера уморен се повлече зад сцената, Адриан остана да се дружи со дел од гостите. Тоа што без престан настапуваше со часови, вели дека воопшто не го заморило, туку уште повеќе му го подигнало расположението и андреналинот.
-Одлична е атмосферата овде, во Радовиш. Многу ни е драго што не поканија да настапиме. Прекрасна публика, превкусни самуни. Искрено, ова не ми беше прв пат да ги пробам, сум бил овде и пред неколку години – раскажа Бориќ за ,,Фокус”.
Околу тоа, дали настапува разголен со цел да ги покаже обликуваните мускули или пак многубројните тетоважи, тој се смее и вели дека речиси на секој настап на ,,Црвена јабука” свири без маица.
-Кога имаме добра публика, нормално е дека температурата расте. Тапаните се инструменти кои бараат многу енергија, па затоа најчесто настапувам разголен, ми станува топло. Така беше и кога бев дел од бендот ,,Дивје јагоде” повеќе од три години, така е и сега, за време на концертите со ,,Јабука” – ни изјави Адриан.
Ни кажа дека веднаш заминуваат во Струмица, каде биле сместени во хотел, а потоа, само по неколку часа морале да се вратат назад, во Хрватска, бидејќи ги очекувале нови настапи наредните денови.
Во Радовиш вчера беше преполно со гости од сите краеви. Новата локација на која се одржува манифестацијата се покажа како одличен избор, бидејќи имаше доволно простор за многубројните гости, кои уживаа со музиката на ,,Јабука”, но и во специјалитетите на градот, самунот и татлијата. Помеѓу расположените гости беа радовишкиот градоначалник Герасим Конзулов и Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово.
Вечерва, продолжува забавата со ,,Тропико бенд”, а во недела главни музички ѕвезди се ,,Синтезис”.
Вики Клинчарова